Откако вчера без никаква најава и образложение беше разрешен директорот на „Пошта“, Јани Макрадули, денеска портпаролот на Владата, Душко Арсовски одговарајќи на новинарско прашање рече дека разрешувањето било со цел „засилување на капацитетите на менаџментот“.
-Владата му препорача на надзорниот одбор на Пошта на Северна Македонија да го разреши Јани Макрадули заради подобрување на состојбите во компанијата и јакнење на капацитетите на менаџментот, додека г-дин Стево Крстевски има поднесено оставка поради приватни причини, рече Арсовски.
Разрешувањето доаѓа откако пред пет дена доскoрешниот директор договори покачување на платите за вработените за 3.000 денари, прво зголемување на платите во „Пошта“ после 20 години.
По доаѓањето на директорската позиција, Макрадули воведе новини во работење на „Пошта“, како услугата онлајн продавницата со сопствена достава. Изминатиот период се среќаваше со градоначалниците низ државата, со цел „Пошта“ да го преземе разнесувањето на писмата за општините.