Владата на денешната 72 седница ја разгледа и усвои Информацијата во врска со потребата од раскинување на Договорот од 28.2.2020 година за групна набавка и Договорот за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции од 11.8.2020 склучен со друштвото „Инвока гроуп“, ДООЕЛ-Скопје, информира владината Прес-служба.
– Притоа беше задолжен Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија да го раскине Договорот за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции склучен со друштвото „Инвока гроуп“, ДООЕЛ-Скопје, со задолжение согласно Законот за јавни набавки да се побара од Бирото за јавни набавки согласност за спроведување на постапка со преговарање без јавен оглас и да склучи договор со оператор со времетраење до завршување на редовната постапка за јавна набавка и склучување на нов договор за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции, се наведува во соопштението.
Покрај ова, Генералниот секретаријат на Владата е задолжен по раскинување на Договорот да започне со редовна постапка за јавна набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции и да склучи нов Договор за групна набавка и да ги извести министерствата за правда, за внатрешни работи, за економија, за транспорт и врски, за труд и социјална политика и за животна средина и просторно планирање, Комисија за хартии од вредност, агенците за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и за катастар на недвижности, Царинската управа, Инспекциски совет и Академија за судии и јавни обвинители, дека договорот со „Инвока гроуп“, ДООЕЛ Скопје е раскинат и за постапката по заклучоците да ја информира Владата на Република Северна Македонија.
– Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за основање на меѓуинституционална работна група заради унапредување на договорната соработка, во која членуваат претставници на органите на државната управа во Република Северна Македонија и од самостојните органи на државната управа кои што учествуваат во усогласување на меѓународни договори чија основна задача ќе биде координација и поддршка на активностите насочени кон склучување и влегување во сила на меѓународните договори заради зголемување на договорната соработка со другите субјекти на меѓународното право. Целта е, придонесување кон финализирање и склучување на меѓународните договори за кои е иницирана постапка за усогласување и унапредување на соработката на Република Северна Македонија во различни области, што ќе придонесе кон зголемување на угледот на Република Северна Македонија во меѓународните односи, се наведува во соопштението.