Владата на денешната седница донесе Одлука за повлекување на Предлог-законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти од собраниска процедура.
-Во известувањето, кое го прифати Владата беше изнесено дека во изминатиот период ресорното министерство (МТВ) организираше работни средби со претставници на комори и асоцијации од областа на градежништвото, урбанизмот, претставници на граѓанскиот сектор и учествуваше во јавни дебати организирани од страна на останати субјекти, на кои беа дадени забелешки за одредени законски решенија и предлози и сугестии за нивно доуредување, соопштија од Владата.
Министерството за транспорт и врски ќе изработи нов Предлог-закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, согласно дадените забелешки.
Законот за легализација на дивоградбите беше изгласан со мнозинство од пратениците и од власта и од опозицијата и предизвика жестоки реакции во јавноста особено членот од Законот којшто предвидуваше своевидна амнестија на оние кои беа обвинети за нелегална градба. Реакции предизвика и делот од Законот да се гради во заштитени подрачја. Владата го бранеше Законот со аргументи дека ако не се донесе овој околу 50 илјади семејства кои не стигнале да ги легализираат дивоградбите, ќе останат без кров над глава.
Законот кој го изгласа Собранието, не го потпиша претседателот Стево Пендаровски и го врати во собраниска процедура.