Владата го повлече предлог-законот за средно образование, откако ДУИ и ВЛЕН реагираа за химната

by Фокус

Законот за средно обеазование е повлечен од Владата, откако повеќе партии поднесоа десетици амандмани.

На голем дел од законските одредби реагираа опозициските партии, но клучната причина поради која беше повлечен законот е ставот на владиниот коалициски партнер Вреди, од каде бараат да се избрише членот со кој се предвидува интонирање на државната химна на почетокот и крајот на учебната година, како и за одбележување на патронатите на училиштата.

„Уште еднаш се докажа дека клучен фактор кој ги гарантира албанските интереси е Вреди. Постапивме како што ни одговара. Без врева и без бучава. Во првото читање наредбата ја дадовме со тоа што воопшто не гласавме, а по потреба поднесовме амандмани. Како резултат на тоа, Владата го повлече законот. Државната химна нема да се интонира во училиштата“, се наведува во соопштението на Вреди.

Пред почетокот на комисиската расправа за законите од образованието, претседателката на Комисијата Иванка Василевска рече дека Владата го повлекува Предлог-законот за средно образование.

Пратеничките од коалицијата на Европскиот фронт, Илире Даути и Арбана Пашоли, изразија задоволство од повлекувањето на Законот, посочувајќи дека не се согласувале со неколку ставови во овој закон, особено со член 54 со кој се предвидуваше интонирање на државната химна.

Амандмани беа поднесени и за водењето на педагошката евиденција на двата јазика, македонскиот и албанскиот, како и за полагање испит по македонски јазик на сите директори.

Поврзани новости