Во рамки на мерките во борбата против корона вирусот, владата на денешната седница усвои неколку препораки, а една од нив предвидува Министерството за земјоделство да оствари работна средба со здруженијата на сточари и Федерацијата на фармери, во врска со извозот на јагниња, како и утврдување на мерки што треба да се преземат во овој период.
„На денешната седница е усвоена и Одлука за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало на: леб, сол, шеќер, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови, лична заштитна опрема, средства за лична хигиена и дезинфекциони средства. Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените на истите кои се применувале на 11 март 2020 година, кога од страна на Светската Здравствена Организација е прогласена пандемија на Коронавирусот COVID-19 и ќе се применуваат до 30 април 2020 година“, соопштија од владата.
Од таму посочија дека се јавила потреба за уредба за одложување на полагање на испитот за вештаци, правосудниот испит, испитот за медијатори и испитот за нотари за време на траењето на вонредната состојба.
„Владата ја усвои и Одлуката за забрана на продажба на масло за горење екстра лесно масло за домаќинство ЕЛ-1 со содржина на сулфур најмногу до 0,1% (m/m), на бензинските станици во периодот од 15 aприл до 15 oктомври 2020 година. Оваа одлука е донесена од причини што грејната сезона завршува на 15 април и тој вид на гориво исклучиво е наменето за затоплување на просториите на домаќинствата и на другите деловни простории, а неговата натамошна продажба после 15 април се забранува за да не се користи за погон на моторни возила и за другите видови на мотори“, велат од владата.
Инаку, Владата денеска ја прифати информацијата за економски мерки за справување со последиците од корона вирусот, кои предвидуваат директна финансиска поддршка на ликвидноста кај микро, мали и средни компании од страна на Развојната банка.