Владата на денешната седница донесе одлука за понатамошно замрзнување на цените на јајцата од кокошка и на оризот со што ќе останат на нивото на цените кои се применувале на 15 март со важност до 30 април 2023 година.
„Трговците имаат обврска да продаваат свежи јајца во количини кои редовно се прибавувале во јануари и февруари годинава. Во пресрет на престојните празници Велигден и Рамазан Бајрам, Со цел да се спречи евентуален дисбаланс на домашниот пазар и недостаток на јајца, производителите најмалку 70% од производството на јајца ќе го пласираат на домашниот пазар. Овие мерки се базирани на факти и анализи и соодветно ќе реагираме како Влада да не дозволиме дисбаланс на пазарот“ рече премиерот Димитар Ковачевски.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, пак, на прес-конференција кажа дека најскапото јајце може да се продава по цена од 9,8 денари, со одлуката за замрзнување на цената.
Тој рече дека „Цените што биле на 15 март, тие ќе бидат замрзнати“.
„Просечната цена на јајцата е околу 8,5 денари и најскапото може да оди до 9,8 денари од јајце. Зависи од пакувањето и амбалажата, зависно од компаниите во делот на трошоците кои ги имаат. Многу е важно да се наведе фактот дека е зголемена побарувачката за производство на јајца од нашата држава, а бараат нашите соседи каде цените се од 14 центи до 20 центи и нагоре. Што значи дека ако се дозволи целосен извоз, повеќето ќе го пренасочат производство до соседите. Дополнително како одлука е ограничувањето во извозот, каде 70 отсто од целото производство или пласман кој го имале во јануари и февруари, да ги снабдуваат ланците на маркети, а да нема недостаток на овој производ за сите граѓани, ниту зголемување на цената како притисок однадвор“ – кажа Бектеши.