Владата попладнево на седница го усвои Предлог-законот за Државниот инспекторат за употреба на јазиците и донесе одлука тој да биде пуштен во собраниска процедура. Инспекторатот како нов орган ќе работи во состав на Министерството за правда.
– Бидејќи станува збор за формирање на нов орган во состав на Министерството за правда, законски е предвидена и организациската поставеност на инспекторатот, како и условите кои треба да се исполнат за избор на директорот и инспекторите во рамките на инспекторатот, се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Законот, како што се појаснува во соопштението, се носи со цел надзор врз примената на Законот за употреба на јазиците во Република Северна Македонија, кој треба да ја гарантира рамноправноста, еднаквоста и непристрасноста при примената на инспекцискиот надзор, како и доследно применување на Законот за употребата на јазиците.
На предлог на Министерството за правда усвоен е и Предлог-законот за Академија за судии и јавни обвинители, кој исто така ќе биде пуштен во собраниска процедура.