Владата ги потврдува смс-пораките од снимките: „Рекет“ беше пријавен, немало обиди за нагодба!

by Фокус

Веродостојноста на содржината на пораката која се однесува на правната држава е точна, велат од кабинетот на премиерот Зоран Заев во однос на објавените аудио-снимки, на кои, меѓу другото, се слуша како бизнисменот Орце Камчев чита смс-комуникација со премиерот Заев, кој го советува да го пријави случајот „Рекет“ во обвинителството, бидејќи во спротивно и тој ќе одговара.

Одговорајќи на прашањето ндали е точна и веродостојна содржината од смс-пораките кои се читаат во една од објавените аудио-снимки, од владата за Фокус велат дека премиерот постојано го повторува ставот и се залага дека Северна Македонија мора да биде европска и правна држава и дека неопходен услов за тоа е сите индиции за корупција или незаконско постапување да се пријават во надлежните институции.

„Со самото упатување од страна на премиерот Заев кон обвинителство и со неговиот повик случајот да се пријави директно во институциите, оневозможена е каква било ситуација или обид за вонинституционално решавање на случајот. Случајот беше пријавен, немало обиди за вонинституционално решавање и денес гледаме дека тој случај се решава низ институциите пред очите на целата јавност“, велат од кабинетот на Заев.

Инаку, снимката каде се слушаат смс-пораките гласи: „Tе молам Зоки јави се. Не можам друже, во гужва сум. Не треба да дадеме кај Вилма ништо, во две деца ти се колнам. Мислам дека ова не треба да го дадеме таму. Му пишував брат, му го имам на документ ќе ти го покажам. Друже мој, Македонија мора да стане европска држава, правна држава. Вика да идеш утре да се пријавиш инаку ти ќе одговараш…“.

В.С.

Поврзани новости