Владата ги потврди и прати до Собрание измените на законот за рестриктивни мерки, со кои се прошируваат целите на законот и се додава и борба против корупцијата, злоупотреба на службената должност и хибридните закани врз државата, се проширува основот со додавање на правните акти на САД и Обединетото Кралство и се прошируваат инструментите со две привремени мерки за обезбедување – забрана за кандидирање и вршење на јавна функција и учество во јавни набавки за правни лица.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека овој закон е под надлежност на МНР и дека има за цел дефинирање на
начините за воведување, изменување и престанување на рестриктивните мерки.
Преку овој закон, како што рече Османи, Владата успеала да постигне стопроцентна усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика, меѓутоа постојното законско решение било ограничено во неколку работи.
– Со измените на Законот, што денес ги потврдивме на Влада прво го прошируваме основот. Не се само резолуциите на Советот за безбедност и правните акти на ЕУ, туку и правните акти на САД и правните акти на Обединетото Кралство се основа за воведување на рестриктивни мерки од страна на Владата и по однос на корупција, злоупотреба на службена должност, како и
хибридни закани, изјави Османи.
Со измените, се дополнува и палетата на рестриктивни мерки, кои се предвидуваат со постојното законско решение.
– Од претходните забрана за влез, ембарго, финансиски мерки, додаваме и две привремени мерки за обезбедување: суспендирање од јавна функција, неможност за учество за кандидирање за јавна функција и неможност за јавни набавки и учество во аранжмани со државата во кои се вклучени државните фондови“ рече Османи.
Тој појасни дека ќе треба дополнително да се адаптираат и други закони согласно овој закон, како што се законот за кривична постапка, законот за јавни набавки или сите аспекти кои ги регулира овој закон.