Владата поради топлото време донесе препораки за ослободување од работа на неколку кагегории граѓани и забрана за физичка активност на отворено посебно во градежништвото, но според најавите за денешните активности на премиерот Христијан Мицкоски истата нема да се почитува.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска ќе биде во теренска посета на Општина Охрид и во 12 часот ќе изврши увид во градба на постоечки и ќе го одбележи почетокот на градба на повеќе други проекти.
„Премиерот Мицкоски во 12:00 часот ќе присуствува на камен темелник на спортска сала во село Лескоец, Општина Охрид, пришто ќе даде изјава за медиуми. Со ова после 30 години, во склоп на ОУ „Ванчо Николески“ започнува изградба на спортска сала со обем од 592 м2, а во себе ќе вклучува повеќенаменско спортско игралиште.
Во 12:40 часот, премиерот Мицкоски ќе присуствува на увид во градежни активности при реконструкција на ул. 7-ми Ноември, (влез Битола). Овој проект опфаќа реконструкција на коловозните и тротоарски површини, изградба на нова велосипедска патека, изградба на атмосферска канализација во должина од 700 метри. Вкупната вкупна вредност е над 43 милиони денари.
Во 13:00 часот премиерот Мицкоски ќе присуствува на пуштање во употреба на детско повеќенаменско спортско игралиште во населба Видобишта.
Премиерот Мицкоски во 13:20 часот ќе изврши увид на состојбата на затворениот базен во Општина Охрид“, се вели во најавата од Владата испратена до медиумите.
Ова е спротивно на препораките, мерките и превенција за заштита кои Владата го усвои на онлајн седницата на 11 јули по добиената информација за топлотниот бран кој ја зафати земјава и ќе трае до петок.
„Од работни обврски се ослободуваат бремените жени и лица на возраст над 60 години во период од 12.07.2024 (петок) до 18.07.2024 година (четврток).
Исто така во истиот период, работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење на градежни и други физички активности на отворено во период од 11 часот до 17 часот.
Воедно, на владина седница се донесе одлука за детските градинки да не се практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во период од 11 часот до 17 часот.
Исто така, Владата препорачува до единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и на бездомници, a со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик за здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Владата на Република Северна Македонија постојано ја следи состојбата поврзана со високите временски температури и за таа цел навремено презема соодветна мерки за заштита на населението“, информираше Владата по онлајн седницата.
Вчера работници работеа и на враќањето на оградата на Владата, а температурата беше над 40 степени целзиусови, а извршната власт им порача на работодавачите да ги реорганизираат работниците кои работат на отворено и да се избегне физичка активност од 11 до 17 часот.
Орце Костов