Владата донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител

by Fokus

Владата донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Одлуката, попладнево на прес-конференција, ја соопшти портпаролката на Владата Марија Митева.

– Разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот кој не функционира и секојдневното продолжување со ваквите состојби резултира со нарушена доверба и нефункционирањето на првната држава, рече Митева.

Владината портпаролка ги објасни аргументите и причините поради кои била донесена ваквата одлука.

– Најпрво се отвори расправата за последниот Индекс на транспарентност кој беше објавен денес од Транспаренси интернешнл Македонија и од каде детално можеше да се види дека конкретно четири точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во обвинителството и судството. Дополнително, последното именување за вршител на должноста – шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје одлука која е незаконска, односно надвор од одредбите пропишани во Законот за Јавното обвинителство, нагласи Митева.

Според Законот за јавно обвинителство, републичкиот обвинител го избира и разрешува Собранието, а го предлага Владата од оние кандидати за кои добила позитивно мислење од Советот на јавни обвинители.

Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години, а Коцевски беше избран на оваа позиција пред една година.

Поврзани новости