Владата доделува 2 концесии за јаглен, вода и гас во Новаци, едната е за период од 30 години

by Фокус

Министерството за економија, во име на владата, покренала неколку постапки за доделување на концесија за детални геолошки истражувања и за експлоатација на суровини, од кои две концесии се однесуваат на локалитети во Општината Новаци.

Според огласот објавен од страна на министерството раководено од Крешник Бектеши кон крајот на минатиот месец октомври, владата доделува концесија за детални геолошки истражувања на јаглен во локалитетот наречен Забрдо во Новаци, за период од 6 години.

Неколку дена подоцна, министерството распишува уште јавен повик за доделување на концесија во истата општина, но не за геолошки истражувања, туку за експлоатација на суровини на минерална вода и гас во селата Брод и Брач, на период од 30 години.

Како што се наведува во огласот, во постапката за концесијата за експлоатација на вода и гас во период од 3 децении имаат право на учество сите домашни и странски лица, кои притоа мора да имаат позитивни финансиски резултати во последната календарска година.

Критериум според кој ќе се врши изборот на најповолна понуда, пак, е највисок понуден концесиски надоместок, кој, колку за објаснување, се плаќа еднократко за да се добие концесијата, а потоа се плаќа дополнителен надоместок на годишно ниво по основ на количеството на експлоатирана суровина.

Истовремено, владата објавила уште два огласи за доделување на концесии, од кои едниот се однесува за геолошки истражувања на варовник во период од 2 години во прилепското село Бешиште, а другиот за геолошки истражувања на минерална вода во локалитетот Прашник во близина на Кавадарци, исто така на период од 2 години.

Според регистарот на концесионери, моментално владата има активни концесиски договори за експлоатација на минерални суровини за 367 локалитети.

Меѓу концесионерите може да се сретнат големи и моќни компании како „Гранит“, „Силекс“, „Усје“, „Бучим“, „Ренова“, некои државни компании (ЕЛЕМ) и јавни претпријатија (ЈП за државни патишта), додека дел од команиите се поврзани со јавни функционери, како што е концесионерот на варовник во Климештани, кој е во сопственост на советникот на ДУИ од Охрид Нефи Усеини.

В.С.

Поврзани новости