Македонската влада периодов одлучи да додели две концесии за експлоатација на минерални суровини, од кои, според официјални информации, едната се однесува за минерална вода, а другата за песок и чакал.
Со одлука донесена на 10 декември годинава, потпишана од премиерот Зоран Заев, владата донела одлука за доделување на концесија за експлоатација на минерална вода на компанијата Делфи од село Радиовце, Општина Брвеница.
Како што се наведува во владината одлука, концесијата се доделува за локалитетот Самаци во рамки на истата општина во времетраење од 30 години.
Една година претходно, како што е објавено во Службен весник, Делфис добил концесија за геолошки истражувања на истиот локалитет во времетраење од 2 години, што значи дека компанијата не добила концесија за експлоатација по истекот на овој период, туку на половина од него.
Паралелно со тоа, владата на почетокот на овој месец донела одлука да и додели концесија и на компанија Агроленд Трејд, која се однесува за експлоатација на песок и чакал на локалитетот Црвени Брегови 2 во Општина Неготино, во времетраење од 10 години.
Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија што добила концесија за експлоатација на песок и чакал е регистрирана за одгледување на јаболчесто и коскеско овошје, за што, патем речено, била корисник и на државни субвенции.
Исто така, и Агроленд Трејд добила концесија за геолошки истражувања на период од 2 години, но во овој случај договорот за концесија е потпишан по истекот на двегодишниот период за истражувања.
Инаку, во име на владата, концесиските договори треба да ги потпише министерот за економија Крешник Бектеши.
В.С.