Владата денеска треба да донесе одлука со која ќе се ревидираат дел од замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот. Како што најави министерот за економија Крешник Бектеши, ниту еден од производите опфатени со одлуката нема да биде поскап од 100 денари за килограм.
Корекцијата на цените доаѓа по средбата со трговците минатата недела.
„Договорено е да се направи мала корекција на цените, имајќи предвид дека трговците веќе почнале да пријавуваат увозни цени кои кореспондираат со тоа што се дава како фактури во другите држави. Генерално, увезуваме од Турција, Грција, Албанија и Србија и повикувајќи се на новите цени кои се пријавуваат во Царинската управа, во вторник Владата ќе ги коригира замрзнатите цени и ќе има кај одредени производи многу мало намалување како највисока цена на овие производи, но, никако нема да има цени како сега или пред 10 дена, од 130 до 150 денари.
Ниту еден од производите кои беа наведени во одлуката за замрзнување на цените нема да има повисока цена од 100 денари за килограм. Ќе има мала корекција само во делот на доматите и краставиците зашто нема веќе увоз од Турција и од Грција каде што има поголемо производство на овие производи. Генерално, до крајот на месецов увоз се врши од Албанија и еден мал дел од Србија, заради тоа што во Албанија еден месец однапред излегуваат овие производи, рече тогаш Бектеши.
Тој повтори дека нема да се толерираат маржи од 100 или 200 отсто. Ќе продолжат, напомена, и контролите за тоа како е реализиран увозот на овошје и зеленчук последните месеци.