Владата да објасни под кои критериуми ги дели картичките за иселеници, дали критериумот е ист како за пасошите на криминалците, бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Според официјалното известување од МНР МКарта може да добијат истакнати личности од дијаспората кои дале придонес кон подобрување на односите помеѓу Македонија и државата каде тие престојуваат. И притоа е објавена листа во медиумите од сите лица на кои им е доделена МКарта, но власта не кажува кој ги избрал тиe лица и што тие направиле.
Власта не кажува зошто тие, а не други лица добиле МКарта. Кој е критериумот по кој се бодувани или воопшто не се бодувани, туку истите се избрани по волја и критериуми познати само за Османи?, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Со доделувањето на МКарта, наши иселеници од почетокот на годинава ќе може да влегуваат и излегуваат од земјава по „брзи ленти“.
Меѓу 69 истакнати македонски граѓани од дијаспората кои можат да ја користат оваа поволност се: докторот Иво Бошкоски и оперскиот пејач Благој Нацоски од Италија, уметничката Виолета Чаповска од Австралија, бизнисменот Аднан Асановски од Данска, новинарката Емица Ниами Налбантиќ од БиХ, но и Глигор Ташковиќ кој беше министер во владата на Никола Груевски и советник во владата на Зоран Заев, како и бизнисменот од Радовиш Ристо Гуштеров.
Последните двајца живеат во САД.