Здружението ЗУПМ – Музика Сега, ќе одржи прес конференција во вторник 09.03.2021 година во просториите на клуб-ресторанот МКЦ во Скопје, во 13.00 часот. Информираат дека имаат свои барања до Владата, бидејќи музичарите се наоѓаат во крајно лоша и незавидна состојба поради актуелната забрана за настапи.
-Со оглед на тоа што ние како фела, никако не може да се пронајдеме и не припаѓаме во 5-от пакет мерки (точка 11) и сме една од најпогодените гранки во државава, имаме забрана за дејност веќе безмалку 12 месеци и само една еднократна финансиска помош од 43.000 денари која беше доделена во декември, бараме од Владата да не обештети со сума еквивалентна на претходната дадена помош најдоцна до крајот на месецот март оваа година.
Ова наше барање не е некаков “хир”, туку реална надокнада, за што побезболно да ги покриеме основните режиски трошоци кои се за нас од основно егзистенцијално значење – наведуваат од ЗУМП.
Појаснуваат дека предлогот на угостителите, свадбите и семејните свечености да бидат без жива музика е дискриминирачки за музичарите, и бараат протоколи во кои и тие ќе бидат вклучени и ќе им биде дозволено да работат.
-Последниот предлог од угостителите до Комисијата за заразни болести, посебно точката, каде се бара настаните да се одвиваат без жива музика, за нас е крајно разочарувачки и во никој случај не се согласуваме со истиот, затоа бараме таа точка од нивниот предлог-протокол да се избрише. Исто така. точката 15 од минатата година која беше објавена во Службен Весник на 22 јуни, 2020 година — 166/20 и 169/20, која гласи – Забрането организирање на музички настани во отворен и затворен дел од објекти и уредбата за гласност на музиката до 55 децибели, бараме да се укине и да се донесат соодветни, унифицирани, стратешки препораки , односно протоколи за работа на угостителските објекти, кои нема да бидат дискриминирачки во однос на нас музичарите.
Барањата ќе бидат адресирани до: Премиерот Зоран Заев, Вицепремиерот Фатмир Битиќи и Комисијата за заштита од заразни болести , од кои очекуваме одговор најдоцна до крајот на неделата, односно 12.03.2021 година. Во спротивно, ќе бидеме приморани во време на пандемија нашите права да ги бараме по пат на протест, секако почитувајќи ги правилата и протоколите при одржувањето на истите на јавен простор-наведено е во отвореното писмо од Трајко Симоновски, претседател на ЗУМП – Музика сега.
Вики Клинчарова