Владата да не го зголемува вештачки процентот на Албанци, да го укине балансерот, бара ДС

by fokus

Демократскиот сојуз ја повикува Владата да го отфрли предлогот за менување на балансерот за вработување на нерезидентното население во јавната администрација според резултатите од пописот и зголемување на процентот на Албанците на 29,5 отсто.

-Ова решение значи дека секој трет вработен во државната администрација во иднина треба да биде Албанец, што не одговара на процентот на Албанците кои живеат во Македонија (24,3 отсто) и битно ќе ја наруши етничката слика во државната администрација на штета на другите заедници.

Изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи според која иселениците со своите девизни дознаки придонесуваат за финансиската стабилност на државата не е никаков аргумент што треба да се прифати за менување на балансерот. Иселениците Албанци, но и Македонците и припадниците на другите етнички заедници кои живеат подолго од една година во странство, таму плаќаат даноци, таму работат и не можат во исто време да работат во две држави, без оглед што ги помагаат финансиски своите семејства, велат од партијата.

Демократскиот сојуз потсетува дека пребројувањето на иселениците во странство на последниот попис како дел од вкупното население на Македонија, не само што не ги почитуваше европските и светските статистички стандарди, според кои се пребројува само резидентно население, туку и не ја прикажа вистинската слика на бројот на иселеници Македонци, кои поради повикот на некои политички партии го бојкотираа пописот.

Токму затоа менувањето на процентот на Албанците на 29,5 отсто во балансерот е вештачко зголемување.

Наместо менување на процентот на Албанците во балансерот за вработување во државната администрација, Демократскиот сојуз ја повикува Владата да го укине овој инструмент кој досега се покажа манипулативен и неправеден.

Поврзани новости