Пишува: Ирена МУЛАЧКА
НАТО журката ги разбранува социјалните мрежи, а власта и опозицијата повторно се фатија во клинч околу тоа дали треба да се слави, што всушност се слави, колку пари се потрошени за бина, осветлување, озвучување, колкави хонорари добиле пејачите…
Тоа се нормални прашања кои и ние како медиум ги поставивме на адреса на владата, од каде што се уште не добивме никакви конкретни информации. Истите прашања ги упативме и до повеќето од пејачите кои ќе настапуваат на НАТО журката, но и тие не сакаа да зборуваат за добиените хонорари, освен што ни потврдија дека се работи за нормални суми на пари.
Владата под раководната палка на Зоран Заев веќе една година е на власт и вети транспарентност и отчетност за тоа како се трошат народните пари и еве се надеваме дека во текот на наредните денови ќе добиеме извештај за потрошените пари за журката, како и за хонорарите на ангажираните пејачи. Сепак, се работи за буџетски пари и треба да се знаеме и колку и на што се потрошени.
Но, тоа што е уште полицемерно во целата приказна доаѓа од штабот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ од каде на дневна основа штанцаат по десет соопштенија. Вмровците во текот на целиот ден на пресови и преку соопштенија, па и на своите фејсбук профили бараат да се каже точната сума на пари која ќе се потроши за утрешната прослава, па дури играат и на картата на хуманост, па бараат од Заев наместо да се слави, тие пари да се донираат за лекување во странство на болните деца, потоа да се дадат пари за сиромашните граѓани кои немаат за леб и немаат каде да живеат.
Многу е добро тоа што „вмровците“ почнаа вака да размислуваат. Камо така да „размислуваа“ и додека беа на власт. Но, не помина многу време откако ја изгубија власта, па така не сме заборавиле колку безпотребни прослави направија со државни пари, чии суми се чуваа како државна тајна. Само што во тој период имаа многу подруги приоритети.
Каде беа во последните 11 години кога умираа деца затоа што нивната влада не одобруваше пари за лекување, зошто се криеја кога тогашниот министер за здравство Никола Тодоров со месеци ветуваше 30.000 евра за лекување во странство на малата Тамара Димовска. Тоа не го исполнија, а Тамара почина. И да не ги броиме сите други болни деца кои живеат на работ на сиромаштијата и немаат основни услови за живот.
Ќе беше убаво за време на нивното владеење, наместо да фрлеа 600 милиони евра за споменици, да вложеа во здравството кое го достигна дното, а луѓето секојдневно умираа по улиците. Сигурно, не требаше камените споменици да бидат поважни од живите луѓе. Така да, тие како опозициска партија имаат полно право да бараат отчетност и транспарентност од новата влада, ама и да не забораваат дека тие само пред една година уништија се што можеше да се уништи во државата. И редно време е да прекинат со лицемерието.