Владата бара советник за спречување на корупција

by Fokus

Владата бара советник за интегритет кој ќе ги советува министрите и другите владини функционери за спроведување на препораките од извештајот на ГРЕКО.

На вчерашната седница Владата ја разгледала и усвоила информацијата за Извештајот на ГРЕКО за евалуација на Република Северна Македонија – Петти круг, на тема: „Спречување на корупција и промовирање на интегритет кај централната власт (највисоките извршни функции) и органите за спроведување на законот“.

„На седницата Владата го задолжи Министерството за правда да го информира ГРЕКО за согласноста на Владата на Република Северна Македонија за објавување на Извештајот на ГРЕКО за евалуација на Република Северна Македонија – Петти круг, и го задолжи Министерството извештајот да го објави на својата веб-страница во превод на македонски јазик, во рок од 7 дена“, информираат од Владата.

Групата на држави против корупција или ГРЕКО е антикорупциско тело на Советот на Европа коешто е лоцирано во Стразбур, Франција и во него членуваат 48 држави од Европа плус САД.

Ова тело е основано да го надгледува спроведувањето на антикорупциските стандарди на организацијата од страна на земјите членки.

Во последниот извештај за Македонија, објавен минатата година во август државата беше критикувана дека препораките од ГРЕКО не се почитуваат.

Тие порачаа дека до средината на оваа година треба да има видни поместувања во борбата против корупцијата.  Критиките се однесуваа за антикорупциските мерки кои требало да ги спроведат пратениците, судиите, обвинителството и ослободувањето на ДКСК од политички влијанија.

Поврзани новости