Владата бара решение за спорот со Хеленик петролеум

by Fokus

Mакедонските власти, без да откриваат детали во јавност, се во преговори со Хеленик Петролеум за најавената тужба на грчката компанија од 30 милиони евра. Денеска министерот за економија Крешник Бектеши потврди дека се одржани неколку состаноци со Хеленик Петролеум, без да прецизира други елементи. Најави дека ќе се избере адвокатска куќа која ќе ја претставува државата пред арбитражниот суд во Парис.

-Нема да седиме со скрстени раце, секако дека ќе ги употребиме сите аргументи што ќе бидат во полза на државата се со цел да се обидеме таа арбитража да се обидеме да ја добиеме. Досега сме имале неколку состаноци, не само јас туку и неколку претставници на владата. Преговорите ги водиме јас и вицепремиерот Анѓушев, имаме вклучено и експерти во тимот, и доколку имаме договор навремено ќе ве известиме“, рече Крешник Бектеши, министер за економијa.

Грчката компанија Хеленик Петролеум веќе ја активирала тужбата пред Арбитражниот суд во Париз за наплата на 31 милион долари плус камати зашто Македонија не го почитувала купопродажниот договор за рафинеријата ОКТА. Сега Хеленик Петролеум има намера да го наплати долгот кој се наталожувал од 2008-ма до 2011-та година поради тоа што Македонија не откупувала 500 илјади тони мазут на годишно ниво што беше дел од договорот склучен пред 20 години.

 

Ова е втора тужба на Хеленик против земјава за истиот проблем. Македонија на грчката нафтена фирма веќе и исплати 40 милиони евра на име на оштета дека не го почитувала договорот за купопродажба на ОКТА.

Поврзани новости