Од владата упатуваат апел до целата академска заедница, да ги испратат своите предлози за новите законски измени во високото образование, бидејќи како што велат, тие се отворени за сугестии и подготвени да ги разгледаат и анализираат сите аргументирани предлози кои ќе пристигнат, и тоа за секој член од законските решенија.
– Упатуваме уште еден повик и замолница, до сите субјекти кои имаат интерес и конкретни и аргументирани идеи и предлози за понатамошно унапредување на реформата, до сите универзитети, до целата професорска фела и до сите студенти, вклучувајќи ги и оние професори и студенти кои побараа а во текот на вчерашниот ден и прифатија учество во дебата, а потоа решија да не присуствуваат на истата, да ги испратат своите предлози за квалитативно надградување и надополнување на текстот и членовите на предложените законски реформи, до Владата или до Министерството за образование и наука во писмена верзија, за да може да бидат соодветно, детално и сеопфатно разгледани и да се увиди можноста за нивно вградување во законските решенија – се наведува во соопштението од владата.