По завршувањето на прес конференција на премиерот Зоран Заев, владата испрати демант дека таа стои зад блокадата на интернет пристапот на некои медиуми. Според толкувањето од Владата, „најточната интерпретација на привремениот прекин до пристап до одделни интернет страници, е дека станува збор за интервенција, за која постојат сериозни индиции дека се работи за намерна саботажа за да се создаде слика дека новата Влада не е транспарентна и отворена за критики“.
-Утврдено е дека блокирањето на пристапот е само кај дел од персоналните компјутери во Владата, но не и во целиот систем, што јасно укажува дека е направена блокадата во оној дел каде што некој имал пристап. Набргу по утврдувањето на состојбата, Секретаријатот на Владата презеде соодветна постапка и интернет комуникацијата во зградата на Владата е вратена во редовна состојба, каква што е постојано. Тоа само ги потврди сомневањата дека некој од затекнатите вработени во владините служби преземаат чекори со намера да ја компромитираат работата на новата Влада. Сите надлежни служби вршат соодветни проверки за случајот и за утврдената одговорност јавноста ќе биде информирана. Сакаме да ја увериме јавноста дека Владата никогаш нема да отстапи од декларираниот принцип за целосна транспарентност, одговорност, отчетност и отвореност, се вели во демантот.