Владата потврди дека на 2 април 2020 година донела уредба со законска сила со која се регулираат определени отворени прашања кои се однесуваат на СЈО, а за кои во моментов постои правна празнина бидејќи новиот Закон за јавно обвинителство сè уште не е стапен во сила.
Како што објаснуваат, уредбата со законска сила ги регулира прашањата согласно новиот Законот за јавно обвинителство којшто ќе почне да се применува на 30 јуни 2020 година, кога СЈО ќе престане да постои, а до тогаш државата мора да надмине одредени правни состојби.
-Потсетуваме дека сите јавни обвинители од СЈО се вратени во матичните обвинителства од кои дошле. Во СЈО има вработени стручни служби, како јавнообвинителски службеници и помошно-технички персонал, кои имаат важечки договори за вработување кои произведуваат правни последици. Исто така, постојат комунални трошоци за зградата во која е сместено СЈО. Сите овие трошоци, дали се за плати за стручните служби или за комуналии, се засновани врз важечки и валидни договори и истите мора да бидат подмирени. Граѓаните треба да знаат дека доколку државата си дозволи овие трошоци да бидат наплатени по судски пат, во тој случај средствата кои би биле платени од Буџетот би биле многу поголеми заради каматите, судските и адвокатските трошоци, соопштуваат од Владата.
Тврдат дека не станува збор за зафаќање нови или дополнителни средства, туку се работи за веќе планирани средства кои се однесуваат само на платите на стручните служби и на тековните комунални трошоци, а не и за обвинителите кои веќе се прераспределени во други обвинителства каде остваруваат плата.
-Исто така, со оглед на тоа што за овие лица кои се вработени во СЈО, немаше овластен потписник, истите не можеа да го остварат ниту правото на прекин на работниот однос, ниту пак да се вратат во институциите од кои беа превемени. Со оваа уредба се овозможува Јавниот обвинител на Република Северна Македонија да може да одлучува за правата од работен однос за овие лица. И на крајот, со оваа уредба дадена е можност истражителите да бидат распределени во други јавни обвинителства или вратени во МВР или во други институции во кои се вработени со цел нивно продуктивно ангажирање, објаснуваат од Владата.