Со Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти што вчера беше усвоен во Собранието, ќе се реши урбанистичкото дивеење, велат од Владата. Прогрешна е тезата дека ќе може се и сешто во секое подрачје да се легализира, нагласуваат од Владата и додаваат дека во законот точно е прецизирано каде и кои објекти ќе може да бидат легализирани.
-За да се легализра во заштитно подрачје треба да се добие согласност од надлежниот орган, министерство или друга институција дека градбата не го загрозува тоа подрачје. Така што, невозможно ќе биде многу лесно да се легализира секој објект во тие подрачја. Законот е усогласен и со опозицијата, при што се прифатени и неколку нејзини амандмани во Собранието и вградени во него. Со законот се спречува урбаното дивеење со тоа што се зголемува цената за легализација со плус 50 отсто од основните комуналии со што се обесхрабруваат сите кои мислат да градат нелегално, изјави денеска владиниот портпарол Муамет Хоџа одговарајќи на новинарско прашање на редовната прес-конференција.
Според него, законските решенија ќе важат за сите заштитени подрачја во земјава.
Дополнително, нагласи тој, со овој закон ќе се овозможи и впишување на многу државни објекти во катастар кои од различни причини досега не биле внесени во катастарските книги.