На денешната 172 седница на Владата беше одобрена втората група на договорите на компании за државна поддршка по Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Од Владата велат дека оваа година има рекорден број на апликации од компании.
-Оваа година има рекордни 432 апликации за нови инвестициски проекти на исто толку компании. На денешната седница на Владата на Република Северна Македонија беше одобрена втората група од 90 договори, на 167-та Владина седница беше одобрена првата група од 82 компании, останатите се во процес на евалуација и во следните недели ќе бидат завршени.
Овие 90 компании, чии договори за поддршка на инвестиции преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, беа денеска одобрени од Владата, креираат нови и добро платени работни места. Само во првата инвестициска 2022 година тие имаат отворено 556 нови работни места, а до крајот на инвестициските циклуси, само овие 90 компании ќе отворат 1822 нови работни места, соопштија од Владата.
Овие 90 компании во првата инвестициска 2022 година инвестирале 48,11 милиони евра, а до крајот на инвестициските циклуси ќе инвестираат 122,76 милиони евра.