Влада: Платите во образованието досега се зголемени од 3.200 до 6.400 денари

by Fokus

Владата денеска излезе со информација дека платите на вработените во образованието и во детската заштита во периодот од 2017 до 2022 година се зголемени за 21 процент. Наставник во основно  образование, како што се наведува, зема плата од 24.786 денари, што е зголемување за 3.267 денари плус минат труд, а наставник во средно образование зема плата од 25.642 денари и таа е зголемена за 4.353 денари, плус минат труд.

– Изминатиот период од 2017 до 2022 година со воведувањето на новата методологија за пресметка беше постигнато најголемото зголемување на платите на вработените во градинките. Во 2017 година, неговател/ка во градинка земаше 14.493 денари плата. Во 2022 година, просечно исплатена плата за месец февруари на неговател/ка е 19.560 денари плус минат труд. Разликата е 5.067 денари повеќе на сметката на овие вработени, плус додатокот за минат труд. Платата на воспитувач/ка во градинка во 2017 година изнесувала 19.200 денари, додека во 2022 година, 25.642 денари плус додатокот за минат труд. Зголемувањето овде е 6.442 денари, плус минатиот труд, наведува Владата во денешното соопштение.

Од Владата го охрабруваат синдикатот да го продолжи дијалогот за изнаоѓање на трајно решение за раст на платите. Нагласуваат дека барањата треба да бидат реални и да произлегуваат од чувството кое го налага моментот.

– Растот за платите за вработените во образование и во градинките е во времето на оваа Влада и колективниот договор потпишан 2019 година во јуни. Дебатата за новиот колективен договор е шанса за трајно решавање на континуираниот раст на платите. Владата е отворена за дијалог за постигнување систем за раст на платите кој нема да биде условен и предизвикуван од штрајкови и незадоволства. Заедно да најдеме модел за раст кој како со договорот за минималната плата ќе се врзе за порастот на просечната плата и со порастот на трошоците за живот, порачува Владата.

Веќе втор ден трае штрајкот на вработените во образованието и детската заштита организиран од Синдикатот за образование, наука и култура. Се бара итно зголемување на платите за 18,4 проценти и изнаоѓање на системско решение за усогласување на останатите плати со минималната плата која сега изнесува 18.000 денари.

Поврзани новости