Се очекува на 8 февруари грчкиот парламент да го ратификува протоколот за пристапување на Македонија во НАТО и со тоа Грција ќе биде првата земја членка на Северноатлантската Алијанса која ќе го стори тоа. Со ова ќе почне примената на Договорот од Преспа во Македонија.
Според Законот за спроведување на уставните измени по ратификување на протоколот во грчкиот парламент во сила влегува амандманот 33 од Уставот, со кој уставното име се менува во „Република Северна Македонија“.
„Од денот на влегување во сила на амандманот XXXIII, употребата на придавката во однос на државата, државните органи и јавни институции е во согласност со името на државата или со нејзиното скратено име и гласи „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“.
По завчерашната владина седница од Владата информираа дека започнува процесот за примена на Договорот од Преспа. Првиот сет мерки и активности ќе се однесува на употреба на новото уставно име, и ќе ги преземе Владата, како и сите други органи на државната управа и државните институции.
„Согласно овие заклучоци, надлежните министерства, државни органи и институции, јавните претпријатија и акционерските друштва во сопственост на државата во предвидениот рок по стапувањето на сила на амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија, ќе треба да извршат промена на таблите на граничните премини и државната граница на нашата земја, на дипломатско-конзуларните претставништва, како и на влезовите на институциите. За истата таа постапка, соодветни препораки ќе добијат и единиците на локалната самоуправа, додека, пак, секторите и службите за односи со јавност на државните и јавните институции добиваат насоки за употреба на уставното име согласно усвоените амандмани“, информираа од Владата.
Таблите со новото име ќе бидат преведени и на албански јазик согласно Законот за употреба на јазиците, поради што одредбите од Договорот ќе треба да се усогласат со Законот.
Согласно Договорот, Македонија треба да ги извести сите меѓународни организации каде членува дека се донесени уставни измени и дека државата има ново име кое треба да го прифатат и употребуваат. Треба да ги извести и сите членки на Обединетите нации да го прифатат и користат новото име.
Со ова, во меѓународната комуникација ќе престанат да се употребуваат термините „Македонија“, „Република Македонија“, „ПЈР Македонија“, „ПЈР. Македонија“, во преведена или непреведена форма, како и привремената референца „поранешна југословенска Република Македонија“ и кратенката „пјРМ“.
Договорот од Преспа има посебна одредба по однос на веќе постоечките документи и материјали издадени од властите во Македонија. Сите официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата, ќе треба да се обноват согласно Договорот најдоцна во рок од пет години. Од друга страна, издавањето на сите документи и материјали, кои се за внатрешна употреба во земјата, ќе започне при отворањето на секое поглавје од преговорите со ЕУ.
М.В.