Новата власт треба да знае дека успешните бизнисмени и фирмите со голема заработка не им ја донесоа големата победа. Туку просечниот граѓанин кај кого веќе не поминува нема пари во буџетот што ни го оставија претходните. Новата власт не е избрана за наоѓање изговори, туку за решенија.
Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Рачните часовници што ги пријавил премиерот Христијан Мицкоски во анкетниот лист вредат повеќе од 50 илјади евра. Со професорската плата не можел да си ги дозволи и да си ја исполни својата пасија.
Но, ги купил работејќи во својот живот, за што платил и данок. Неговите часовници се дури и евтини, во споредба со оној што го носеше шпанскиот тенисер Рафаел Надал на мечот на Олимпијадата против големиот ривал, српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ.
Рачниот часовник на Надал „ричард мајл“ вреди фантастични 1,2 милион евра и тежи само 11,5 грама. Но, никој не се прашува од каде му се парите на Надал. Тој е еден од најдобрите тенисери на сите времиња, кој макотрпно и пожртвувано ја гради светската кариера пред очите јавноста.
Но, граѓаните се прашуваат од каде му се парите на Мицкоски за да може да си дозволи такви часовници во вредност што тие целиот живот ја исплаќаат за еден скромен стан. А и тие како и Мицкоски работеле цел живот и како него плаќале даноци, но не успеале да заработат.
Тајната на успехот не ја открива, ниту во своите анкетни листови, ниту во својата биографија што ја достави како мандатар. Таму детално го навел работното искуство на Машинскиот факултет, објавените публикации, сработените проекти и добиените награди и признанија, но нема ништо за неговите бизниси.
А тие се единствените што би можеле да му обезбедат лагоден живот, ако за партијата работел и про боно. Не го напишал работното искуство во компанијата „Фонко“, но и уделите што ги поседувал во други две компании, кои ги добил додека бил советник за енергетика на поранешниот премиер Никола Груевски и директор на ЕЛЕМ.
Овие удели потоа Мицкоски ги продаде, но неговото учество во конзорциумот го испитуваше и Антикорупциската комисија. Тоа што не напишал Мицкоски ни буква за бизнисите, а вели си работел и си заработил, предизвикува сомнеж, но и револт кај граѓаните, кои на оваа скапотија не можат да си дозволат ни на одмор да одат.
А не се за жалење ниту другите членови на владата. Па, така министерката Сања Божиновска, која го води клучниот сектор за економија, има по два стана во Шпанија и во Македонија и по еден во Португалија и во Србија. Имала бизнис и во Чешка, била сопственик на многу компании, а една од нив имала долг во МЕПСО од 1 милион евра.
Овој податок го обелодени опозицијата, која ги спореше и огромните станови во Центар на генералниот секретар на владата, Игор Јанушев и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Тие не работеле во странски фирми, но, според анкетните листови, за нив немало зима и додека биле во опозиција.
И министерот за добро владеење, Арбен Фетаи има импозантен анкетен лист. Во него пријавил една станбена куќа и две станбени згради.
Додека се бројат часовниците, становите и зградите на функционерите, вработените во „Водостопанство“, „Железници“ и во „Македонски шуми“ го чекаат ребалансот на буџетот за да ги земат заостанатите плати за неколку месеци. Новиот буџет го чекаа сите, особено оние над 400 илјади што гласаа за ВМРО-ДПМНЕ и нивните ветувања.
Но, одеднаш новата власт сфати дека во буџетот има толкава дупка, па екстра пари се најдоа само за пензионерите. Нема покачувања, ниту за наставниците, ниту за докторите, ниту за сестрите. Приоритетната правда ќе треба да дојде со намален буџет за судиите и обвинителите.
Но, затоа од милионите што ги зеде Мицкоски од Орбан, 250 милиони ќе бидат за компаниите. Со синдикалните организации не стигна да се сретне, но затоа појде кај бизнисмените и им вети и дополнителна помош.
А тие веднаш му доделија награда за градење партнерство и заедничко дејствување за просперитетна Македонија. Таму заговараа и недела да го вратат како работен ден, а синдикатите што го издејствуваа ова право и бараат минималната плата да биде 450 евра, не можат да дојдат до премиерот.
Може ќе ги викне за да ги убедува дека недела треба да биде работен ден. За богатите премиерот има и уште една мерка. Намалување на данокот на добивка за фирмите што заработуваат над 50 милиони евра.
Но, новата власт треба да знае дека успешните бизнисмени и фирмите со голема заработка не му ја донесоа големата победа. Туку просечниот граѓанин, кај кого веќе не поминува нема пари во буџетот што ни го оставија претходните. Новата власт не е избрана за наоѓање изговори, туку за решенија.
Ако тврдат дека некој украл милиони од буџетот, нека го уапсат и нека одговара. Но, наместо гонење на тие што ги крадат со години граѓаните, власта смислува бенигни крими-стории.
Поранешниот министер Бектеши му пишал порака на началникот на полицијата, милионерот Дрин Ахмети, кој копал бесправно варовник. Минатата власт доживеа катастрофален пораз најмногу оти не ги врати украдените пари и никој не одговараше за нив. А, оваа власт веднаш покажа дека „сојузот“ на скапите часовници во Македонија е нераскинлив.