Откако вчера Фокус испрати прашања до Влада за тоа кои беа членовите на Комисијата за распределба на финансиските средства на граѓанските здруженија, односно кој успеа да оцени 549 апликации во неполни 48 часа, како и кога и колку време траело оценувањето, денеска Владата објави соопштение во кое даде делумен одговор.
Од Владата соопштија дека Комисијата за распределба на финансиските средства ја сочинуваат пет членови кои доаѓаат од Владата, односно Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација (претседател), Ѓонул Бајрактар, заменик министер за труд и социјална политика, Бујар Османи, заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Арбер Адеми, министер за образование и наука и Драги Рашковски, генерален секретар на Владата.
Дополнително, како што велат од Владата, со цел, зголемување на транспарентноста и подобрување на квалитетот на процесот на распределба, во составот на Комисијата се именувани и два члена на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, односно Уранија Пировска и Јане Чаловски.
-Комисијата формираше Оперативно тело во кое членуваат претставници од институциите чии раководители се дел од Комисијата, кои се задолжени за оценување на апликациите. Имајќи го предвид големиот број на пристигнати апликации – 549, од една страна, и кратките рокови од друга, во секоја од овие институции беа ангажирани дополнително уште дваесеттина лица кои помагаа при оценувањето. Комисијата за распределба на финансиски средства, иако свесна за кратките рокови, сепак поради потребата да му се помогне на граѓанскиот сектор и да се поддржат проекти кои придонесуваат за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19, одлучи да го објави повикот. Внимателно беа избрани областите во кои се изработени проектите, со цел да се помогне на најпогодените и ранливи категории на граѓани. Другата опција беше воопшто да не обезбедеше помош, велат од Владата.
На прашањето кога и колку време траело оценувањето на 549 апликации, од Владата не дадоа одговор.
Повикот беше затворен на 11 јуни во 12 часот, а веќе на 13 јуни беше објавена листата на организациите кои добиле грант.
К.С.