Владата вели дека сите набавки на производи за угостителски услуги се редовни планирани и се спроведуваат секоја година. Оттаму реагираат на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ и тврдат дека се изнесени селективни информации.
-Плаќањето на набавените количини е сукцесивно, односно тоа што нема да се потроши не се плаќа, а количините кои се набавуваат се предвидени и пресметани исклучиво согласно калкулациите и потрошувачката во изминатите години. Владата очекува дека потрошените и наплатени количини на производи за храна оваа година ќе бидат значително помали од претходните, особено ако се знае дека рестораните за време на здравствената криза не работеа и сè уште не се во функција, а во 2020 година значително е намален обемот на посети од странски делегации, се вели во нивната реакција.
Додаваат дека со набавките за прехранбени услуги се опслужуваат Владата, Собранието и Претседателот, а реални корисници се сите државни институции и сите корисници на услугите на рестораните на Владата, Собранието, Претседателот, Клубот на пратеници, вклучително и сите странски претставници на бројните делегации кои доаѓаат во официјални и работни посети на нашата земја.
-Партијата ВМРО-ДПМНЕ добро знае дека Владата мора да се подготвува за периодот кога институциите ќе продолжат редовно да функционираат и да примаат делегации од земјите и партнерите на Северна Македонија од целиот свет. Владата ќе продолжи со транспарентно и домаќинско однесување. За разлика од пред три години, сега секој денар на граѓаните е ставен на јавен увид, а службените трошоци на функционерите се намалени за повеќе од двојно во споредба со годините на претходната влада. Потсетуваме дека во периодот до 2017 година, наместо да се стават во функција рестораните на институциите, се трошеше неконтролирано со енормно високи платени фискални сметки и фактури низ луксузните кафеани низ државата, се вели во соопштението од Владата.