Влада: Буџетот за 2025 година е развоен и ветува повисоки плати, инвестиции и економски развој

by Fokus

Буџетот за 2025 година е развоен и ветува повисоки плати, инвестиции и економски развој на државата. Владата за 2025 година се обврзува на целосна трансформација на Македонија и подобрување на животниот стандард за граѓаните, велат од Владата.

Од тука како владин приоритет се истакнува обезбедувањето на поквалитетен живот за сите граѓани, иднина и просперитет на Македонија.

За таа цел, велат од Владата, Буџетот за 2025 година предвидува средства за зголемување на пензиите.

„Со ова предвидуваме 105 милијарди денари за пензиите, односно по 2500 денари повисоки пензии во март за пензионерите. Со ова го исполнуваме ветувањето за повисоки пензии на над 330.000 пензионери“, наведе Владата.

Исто така за исплата на плати обезбедени се 48 милијарди денари во ставката за плати и 2 милијарди денари дополнително во блок дотации за зголемување на платите во образованието.

„Предвидуваме и 14,5 милијарди денари за поддршка на ранливите категории, додека пак за здравствена заштита обезбедуваме 5,2 милијарди денари повеќе или вкупно 53,4 милијарди денари. Во Буџетот за 2025 година е предвиден и растот на платите за вработените во образованието и просветните работници, како и растот на платите во здравството, здравствените работници и медицинските лица“, образложи Владата.

Во однос на инвестициите, потсетуваат дека веќе се обезбедени 250 милиони евра за инвестициски бум во општините. Со овие средства во општините ќе се градат училишта, градинки, патна и водоводна инфраструктура.

„Средствата кои преку банките ги ставаме на располагање во форма на супер евтини кредити, односно договорена е каматна стапка од 1,95 проценти, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата во зависност од потребите на компаниите. Тоа значи дека ќе имаме инвестициски бран од можеби 800 милиони евра. Сите компании ќе имаат можност да ги вложат овие средства во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти за сопствена потреба, како и да учествуваат во проекти кои ќе ги инвестираат општините. Се обврзуваме пред граѓаните на економска трансформација, и ветуваме раст на БДП, но и нови странски директни инвестиции кои ќе генерираат раст и развој“, додава Владата.

Се истакнува дека се отворени за дијалог со синдикатите и работодавачите, со цел заедничко носење на одлуки во интерес на граѓаните.

Поврзани новости