Министерот за економија Крешник Бектеши на денешната седница на Владата поднел информација за доделување на концесиите за рудникот во струмичко Иловица, информираше Владата.
„ Владата на денешната седница ја разгледа информацијата со хронологија за постапките за доделување на концесиите за детални геолошки истражувања и експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот ‘Иловица’, општина Босилово и општина Ново Село на Друштвото за производство, промет и услуги ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје, со прилози, поднесена од Министертсвото за економија“, соопшти Владата.
Од Владата велат дека информацијата, којашто беше и образложена на седницата, е согласно Извадокот од Нацрт записникот од 171-та седница, одржана на 18 јули годинава.
„Информацијата е во врска со управните и судски постапки, заклучоци и информации, поврзани со експлоатацијата на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот ‘Иловица’ општина Босилово“, соопшти Владата.
Владата побара ваква информација од министерот Бектеши и од Министерството за економија откако локалното население излезе на протест против отворање на рудникот, по владината одлука за спојување на концесиите за копање бакар и злато во Иловица.
Преиспитување на владината одлука побараа министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерката за екологија Каја Шукова и и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кои кажаа дека при носење на одлуката на Владата на 27 јуни, министерот за економија Крешник Бектеши ги измамил премиерот и министрите дека Управниот суд донел одлука за спојување на концесиите.
Петровска пред една недела изјави дека не е покажување слабост ако се констатира дека донеле погрешна одлука и ја исправат,м туку напротив дека со тоа се покажува доблест да се корегираат грешките.
Министерот Бектеши пред неколку дена пред новинарите изјави дека не отстапува од спојувањето на концесиите за Иловица, а за денес Владата најави дека тој по завршување на седницата ќе оддржи прес конференција, која по час и половина беше откажана.
Според последната информација од Владата повеќе детали за денешната седница ќе бидат соопштени на прес конференција.