Бројот на активни случаи на Ковид-19 во земјава продолжува да опаѓа и во моментов изнесува 802. Се намалува и бројот на новозаболени и на починати, а низок е и дневниот процент на заразени.
Над половина од активните (431) се Скопје, а повеќе од 100 има уште само во Битола каде што се евидентирани 126.
Болни од ковид нема во Крива Паланка, Дебар, Богданци, Кратово, Македонски Брод и Дојран, а само по еден случај има во Свети Никола, Виница, Пробиштип, Крушево, Демир Хисар, Демир Капија, Пехчево и Македонска Каменица.
Епидемиолошката состојба продолжува да се подобрува, но министерот за здравство Беким Сали сепак предупредува дека граѓаните треба да останат внимателни, а институциите подготвени.
Се намалува и интересот за вакцинација. Вкупниот опфат на вакцинирани е 46 отсто, иако Сали вели дека има доволен број вакцини за сите што сакаат да се имунизираат.
Состојбата со Ковид-19 се подобрува и во светот. Според евиденцијата на сајтот „Ворлдметерс“, во изминатите седум дена на глобално ниво бројот на новозаболени е намален за 30 проценти, а само во Европа за 31 отсто. Значително зголемување од 127 проценти се бележи во Кина каде што во изминатата седмица се регистрирани 21,5 илјади случаи.