Новата блокада на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ не ја промени значително поддршката кај јавноста за членство во ЕУ. Во 2021 година 68 отсто од населението ја поддржува идејата за членство во ЕУ. Една третина од населението смета дека Северна Македонија никогаш нема да стане членка на ЕУ, а во исто време над една третина од населението има доста нереални очекувања дека државава би можела да стане членка на ЕУ во следните пет години.
Ова го покажуваат резултатите од истражувањето за перцепциите за ЕУ, од кое произлегоа два истражувачки труда „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014 – 2021)“ и „Од пофалби до разочарувања: 2021 Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија“, спроведени од Институтот за демократија со поддршка на Фондација „Конрад Аденауер“.
Во заклучоците од анализата се наведува дека наметнатите бугарски барања за укинување на ветото го одредуваат патот на Северна Македонија кон ЕУ. Резултатите од истражувањето покажуваат дека отстапките не се прифатливи кај две третини или повеќе од оние што одговориле.
Резултатите од истражувањето исто така покажуваат дека голем дел од граѓаните не се расположени за прифаќање на бугарските барања, дури и ако тоа би значело деблокирање на евроинтегративниот процес.
Две третини или повеќе анкетирани граѓани сметаат дека Северна Македонија не треба да прави отстапки согласно бугарските барања поврзани со ревизија на историјата (71 отсто), условот за јазикот (79 отсто) и положбата на бугарското малцинство во Северна Македонија (65,4 отсто).
Најсилната меѓуетничка врска постои во однос на јазикот. Македонците (86,8 отсто) и Албанците (61,4 отсто) не би поддржале прифаќање на ова бугарско барање, покажува анализата.
Главниот заклучок од анализата покажува дека во време на намален кредибилитет на ЕУ без видливи случувања во процесот на пристапување во ЕУ, граѓаните се чувствуваат дезориентирани од кога било досега. На испитаниците им е се потешко да препознаат потенцијален сојузник на земјата, што укажува на зголемена конфузија меѓу населението, стои во заклучоците на истражувањето.
Значително намалување има и во процентот на испитаници кои се отворено евроскептични, а постои меѓуетнички јаз во поддршката за членство во ЕУ меѓу двете најголеми етнички заедници во земјата – Македонците и Албанците. Исклучително висок процент на етнички Албанци – 82 отсто го поддржуваат македонското членство во ЕУ, додека 63 отсто од етничките Македонци ја поддржуваат европската интеграција на државата.
Осумдесет отсто од населението му придава одредена важност на процесот на пристапување во ЕУ. Речиси 40 отсто од испитаниците се убедени дека земјата е подготвена за членство што е одраз на недостигот на информации во врска со процесот на пристапување. Повеќе од една третина од населението смета дека земјата не остварила никаков напредок во процесот на пристапување во споредба со 2020 година, покажува анализата.