Во моментот, во болниците во земјава се хоспитализирани 514 лица заболени од ковид 19, од кои 331 се на кислородна поддршка, додека 27 се на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација, покажуваат податоците од Извештајот на ИЈЗ.
Според информациите. од корона вирус досега се заразиле 687 бремени жени, од кои пет завршиле со смртен исход.
Како што веќе објави „Фокус“, родилките кои починаа во март годинава на 32 и 33-годишна возраст, според лекарите немале никакви други заболувања. Едната од нив почина во Градската болница „8 септември“, каде што по породувањето била префрлена од скопската Клиника за Гинекологија. Нејзиното бебе беше во добра состојба и веднаш беше испратено дома. Другата родилка беше од Скопје, а почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).
На почетокот на ковид пандемијата во земјава, лани на на крајот на март почина родилка од Куманово, која откако се породила на скопска Гинекологија, во тешка здравствена состојба била префрлена на Клиниката за инфективни болести. И покрај напорите да се спаси нејзиниот живот, брзиот и агресивен развој на болеста беше фатален.
ДАЛИ БРЕМЕНИТЕ ЖЕНИ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ?
Исто така, на Инфективната клиника пред само два месеци починала уште една родилка од Куманово поради компликации од корона вирусот. Надлежните во тој период тврдеа дека таа немала никакви здравствени проблеми и не била вакцинирана против ковид 19.
Само еден месец подоцна, како што тогаш објави „Фокус“, во септември почина 18-годишна трудница на КАРИЛ во седми месец. Според нашите информации, бремената жена била од Гевгелија и немала други хронични заболувања.
Сепак, и покрај масовната вакцинација, која трае во последните неколку месеци, се уште останува нејасно прашањето, дали можат да се вакцинираат бремени жени или пак, сите оние кои веќе планираат бременост. Повеќето од нив тврдат дека се плашат да се вакцинираат против ковид 19 со оглед на тоа што може да предизвика вакцината на нивниот плод.
Доктор Викторија Јовановска директорка на скопската Клиника за гинекологија вели дека бремените жени кои доаѓаат кај нив на клиниката, мал број се вакцинирани.
„Мислам дека вакцините ги сметаат за безбедни и во рана бремност. Според RCOG и ACOG безбедни се во било која фаза од бременост. Според мене, побезбедно е после завршувањето на органогенезата, односно после 12 недела. Сепак, се уште се тоа само студии. Сепак, штом пред да се тестираат млади жени се дозволува вакцина, значи ги сметаат за безбедни и во рана бременост. Исто така, нема препораки ако некоја млада жена примила вакцина пред да знае дека е бремена, да ја прекине бременоста – вели доктор Јовановска.
Досега во земјата се направени вкупно 1.366.002 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 199.901, бројот на оздравени пациенти е 186.652, на починати е 7.062, а бројот на активни случаи изнесува 6.187.
Ирена МУЛАЧКА