Вкупно 53 ученици и осум наставници се во изолација од почетокот на учебната година досега. Министерството за образование и наука соопшти дека во сите училишта каде што има позитивни случаи во наставата со физичко присуство се постапува навремено, согласно со протоколите и алгоритмите, со цел да се спречи ширење вирусот и да се заштитат останатите ученици и учесници во образовниот процес.
Според МОН, во овој момент дополнително се истакнува потребата од учење од далечина, односно од комбиниран модел на настава кој се применува во училиштата.
– Шест од вкупно осум наставници не биле во директен контакт со децата, бидејќи предавањата ги држат онлајн. Дополнително, сите наставници и ученици кои се во изолација преминуваат на учење од далечина, со што се обезбедува континуитет на образовниот процес. МОН потсетува дека паралелно со онлајн-наставата, се реализира и емитување на 15-минутни часови на телевизија преку националната радио-телевизија. Исто така, се доставуваат печатени материјали до децата и тие се во постојана комуникација со нивните наставници, информира МОН.
Од вчера вечерта, како што информира Министерството, во изолација се 10 ученици од второ одделение во ОУ „Кочо Рацин” во радовишкото село Подареш, откако нивни соученик е позитивен на КОВИД-19. Засега во ова училиште нема наставници кои се заболени или во изолација.
– Двајца наставници кои работеле со физичко присуство во ОУ „Гоце Делчев“ и еден ученик се позитивни на вирусот КОВИД-19, а 39 деца од истото училиште од вчера се превентивно во изолација. Другите три деца кои се позитивни се индивидуални случаи – едно во тетовското училиште ОУ „Адрија Савески Ќиќиш“ и едно дете во ОУ „Ванчо Прке“ од Штип и едно во „Кирил и Методиј“ – Кочани. Од центрите за јавно здравје се следат алгоритмите и за нив не се дадени препораки за изолација бидејќи биле почитувани мерките за заштита, наведува МОН во соопштение.
Министерството додава дека дневно ја следи состојбата со вирусот во училиштата и повикува на почитување на заштитните мерки и протоколите затоа што целта на мерките кои ги носи Владата е да се заштитат сите наставници и ученици и да се овозможи непречен образовен процес.