Вкупно 238 осуденици се надвор од затворите – Управата конечно ја соопшти официјалната бројка

by Fokus

Управата за извршување на санкции во одговор за „Фокус“ конечно официјално ја соопшти бројката на осуденици кои се надвор од затворите низ Македонија. Ова прашање се отвори по убиството на бизнисменот на 20 август кај трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје.

Тој беше застрелан од затвореник кој на 15 април добил слободен викенд од затворот „Идризово“, но не се вратил таму, се додека не беше уапсен по грозоморното убиство. Како што објави „Фокус“, првоосомничениот за убиството требало да биде во затвор до 2032 година, но наместо во затвор, тој прво избегал од затворот во Прилеп, па бил фатен со нелегално оружје, а потоа не се вратил ниту во „Идризово“.

„Фокус“ пред речиси еден месец испрати прашања до Управата за точната бројка на осуденици кои избегале од сите затвори, а одговор добивме вчера. Според податоците од Управата, заклучно до 10 септември оваа година, вкупно 238 лица се наоѓаат во бегство од затворите во цела држава.

Најголем дел се надвор од „Идризово“ и од затворот „Скопје“ во Шутка, односно вкупно 182 лица, другите се од другите затвори.

Многу мал дел од осудените лица низ годините се даваат во бегство и не се враќаат во установата. Во најголем дек од случаите истите се пуштени на користење одредена погодност со која законски се стекнале, со оглед на нивното поведение и издржаниот дел од казната, како што се слободен излез од установата до седум часа, отсуство до 15 дена во текот на годината и целосно или делумно користење на одморот надвор од установата.
Заклучно со 10 септември 2024 година, вкупно 238 лица се наоѓаат во бегство од казнено поправните установи, од кои 133 лица од казнено поправната установа „Идризово“, меѓу кои 24 лица не се вратени од прекин на казна затвор и 25 лица вкупно во бегство од казнено поправната установа „Скопје“, велат од Управата во одговорот за „Фокус“.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во телевизиско интервју по убиството обелодени дека во текот на минатата и оваа година, само од затворите „Идризово“ и „Скопје“, во Шутка избегале околу 200 затвореници.

За ова тој ги обвини поранешните први луѓе на Бирото за јавна безбедност и на двете казнено-поправни установи поставени на овие функции од, како што рече, власта на СДСМ и ДУИ.

-Јас сакам да поставам едно прашање – зошто 200 луѓе избегале од затвор за време на директорувањето на претходниот директор на БЈБ во текот на 2023 и 2024 година. Зошто 200 луѓе избегале од Шутка и од ‘Идризово’ за време на претходните директори на Шутка и на Идризово. Да не ги пуштиле случајно? Да не ги пуштиле со намера, праша Тошковски.

За да ги најде и врати бегалците од затвор, Тошковски објави дека почнуваат со оперативна акција, која ќе биде фокусирана на безбедноста на Скопје.

-Отвораме посебна оперативна акција, којашто ќе треба да биде фокусирана исклучиво на безбедноста на градот Скопје и на скопјани, оперативна акција, која ќе обезбеди зголемено присуство на полициски службеници на терен. Граѓаните нека знаат дека тоа е затоа што сакаме да ја доведеме безбедносната состојба таква каква што треба да биде, рече Тошковски.

Според информациите пак што ни ги дадоа директорите на двата затвори, може да се заклучи дека со години над 100 осуденици се надвор од двата најголеми затвори.

Директорот на „Идризово“, Зоран Јовановски објаснуваше дека од формирањето на затворот избегано е едно лице, а не се вратиле од даден слободен викенд, годишен одмор и седум часа вкупно 110 лица.

Тој напоменува дека оваа бројка е променлива и секоја недела има по некој што не се враќа. Министерството за внатрешни работи дел од нив ги апси и ги враќа, но дел остануваат на слобода.

Директорот на затворот „Скопје“ во Шутка, Александар Утковски, пак, вели дека од 2015 година до денес, во бегство се водат 27 лица, бројка која опфаќа бегства и оние што не се вратиле од слободен викенд и слично.

Директорот на Управата, Александар Пандов пак прашан дали имаат преброено, колку осуденици имаат избегано од затворите во земјава, изјави дека мал број имаат на осуденици, кои имаат сторено класично бегство.

Но, околу 120 до 130 осуденици се водат како бегалци, бидејќи по закон им е дадено викенд отсуство, но не се вратиле во затворите, за да ја продолжат затворската казна.

Во годините наназад зборувам, четири-пет години, кои биле пуштени на одмор или на викенд и не се вратени во затворите, рече Пандов.

Фросина ФАКОВА – СЕРАФИНОВИЌ

Нема официјална точна бројка колку осуденици се надвор од затворите – од Шутка и „Идризово“ над 100 се постојано на улица

Поврзани новости