Вкупно 236 судии, 16 врховни судии и 220 судии од Апелациско подрачје Скопје на 13 јули ќе гласаат на претстојните избори за двајца членови на Судскиот совет од редот на судиите.
Судскиот совет на денешната итна 449 седница донесе одлука за заклучување на Судскиот изборен именик.
Согласно утврдените кандидатски листи, судијата Наќе Георгиев од Врховниот суд е единствен кандидат од редовите на врховните судии за член на Судскиот совет.
Од редовите на судиите на кандидатската листа за апелациското подрачје Скопје и од управните судови се двајца кандидати, судијата од Основниот суд Кавадарци Лазар Нанев и Антонета Димовска судија на Граѓански суд Скопје.
Гласачките места се отвораат во 8:00 часот, а се затвораат во 15:00 часот.
До Советот, како што информираа, пристигнале две барања за промени од технички аспект, како што се промена на второ презиме и број на легитимација.
Одлуката Судскиот совет ја донесе со десет гласа за и ниту еден против.
На изборите на 13 јули ќе се избираат двајца нови членови на Советот, кои треба да бидат избрани на местата на врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова и на Зоран Герасимовски судија во скопска Апелација, кои си поднесоа оставка.
Советот е составен од 15 члена, од кои, осум члена на Советот ги избираат судиите од своите редови, петмина се избираат во Собранието, од кои двајца предлага Претседателот на државата, и по функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд на Република Македонија и министерот за правда.
Мандатот на избраните членови трае шест години со право на уште еден избор, додека на претседател на Врховниот суд и на министер за правда со престанок на функцијата им престанува и мандатот во Советот.
Претходно, Советот донесе одлука за измена на составот на Комисија за спроведување на изборите за членови на Советот на РСМ, по барањето за изземање од Виолета Василева, на чие место на предлог на Адвокатска комора е избран Оливер Гашев, со Жана Кузмановска, како замена.
Судскиот совет на денешната седница, исто така, го разгледа Извештајот за работа на Судовите во првиот квартал годинава.