Вкупно 169 училишта од кои, шест државни за деца со посебни образовни потреби, едно приватно средно училиште со одобрение за експериментална настава во основно образование, 15 централни општински основни училишта и 147 подрачни основни училишта добија согласност за настава со физичко присуство откако Владата го прифати предлогот и го усвои извештајот за работата на Комисијата за разгледување на поднесени барања од страна на училиштата.
Извештајот констатирал дека условите не ги исполниле 32 централни општински основни училишта, 11 подрачни основни училишта и две приватни училишта.
Според извештајот, за организирање настава со физичко присуство во средните училишта биле доставени вкупно 66 барања, од кои Комисијата предлага согласност да добијат четири училишта од кои: две државни училишта за деца со посебни образовни потреби, едно приватно средно училиште, едно општинско средно училиште. Делумна согласност за реализација само на стручните предмети и практичната настава да добијат 10 училишта (5 уметнички, 4 општински училишта и 1 државно училиште – Спортска академија).
Од училиштата за деца со посебни образовни потреби одобрено е физичко присуство во ПОУ „Д-р Златан Сремец“ – Скопје; ПОУ „Иднина“ – Скопје; Завод за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор, глас и други проблеми во развојот „Кочо Рацин“ – Битола; Државно училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Кисела Вода – за основно образование; ПОУ „Маца Овчарова“, Велес; и Завод за заштита и рехабилитација Бања Банско, Струмица.
Од барањата на приватните основни училишта, одобрение доби француското интернационално училиште „Ефис“ од Скопје. Повеќето основни училишта кои добија одобрение за настава со физичко присуство од први октомври се во селата.
Во делот на средното образование согласност за организирање настава со физичко присуство добија средните училишта за ученици со посебни образовни потреби Државен училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ Гази Баба – Скопје и Државно училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ Кисела Вода – Скопје.
Согласност за организирање настава за стручните предмети, за соодветните видови на подрачја со физичко присуство, добија и средните уметнички училишта Државно музичко училиште Битола; Државен музичко балетски училишен центар „Илија Николовски Луј“ Центар – Скопје; Државно музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“– Тетово, Државен музички училишен центар „Сергеј Михајлов“ – Штип и Државно средно училиште за применета уметност „Лазар Личеновски“ Центар – Скопје.
„На овие средни училишта не им е дадена согласност за организирање настава со физичко присуство на учениците во наведените училишта за наставата по општообразовните предмети, теоретските предмети, солфеж, хор, оркестар и хорско пеење“, се наведува во владиното соопштение.
Во однос на приватните средни училишта согласност за организирање физичка настава доби Приватното средно училиште QSI INTERNATIONAL SCHOOL of Skopje – Скопје за учениците од прва до четврта година.