Со вкрстено испрашување на сведокот Ѓорѓи Лазаревски денеска треба да продолжи судењето за предметот „Таргет-Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство, во кој обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и неговиот колега, Никола Бошковски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
Ново судско рочиште денеска е закажано и за случајот „Насилство во општина Центар“, во кој се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова и уште девет лица.
Тие се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.
Во досегашното судење за овој предмет, вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни. За седмообвинетиот Димче Крстев, пак, се води одвоена постапка.