Осум нови дестинации преку авиокомпанијата „Визер“ ќе им бидат достапни на македонските граѓани од скопскиот и охридскиот аеродром. Четири нови линии ќе бидат воспоставени од скопскиот и четири од охридскиот аеродром.
Отворањето на новите авио линии е овозможено преку тендерот за нискобуџетски авиолинии што го распиша Владата, а на кој како единствена компанија се пријави „Визер“, која веќе ги опслужува македонските граѓани. Договорот за субвенционирање на евтини авиолинии беше потпишан денеска во Владата на Република Македонија.
Од скопскиот аеродром ќе бидат отворени две нови линии кон Германија и тоа кон Баден-Баден и Бремен, потоа кон Ларнака во Кипар и кон Турку во Финска, додека од Охрид ќе се лета кон Малме во Шведска, Милано во Италија и кон Меминген и Дортмунд во Германија.
Од „Визер“ денеска најавија дека од март ќе бидат воспоставени двете линии до Германија и авиолиниите од Охрид до Милано и до Малме, а билетите за овие дестинации ќе почнуваат од 1.164 денари или 19,99 евра. Од јули се очекува да бидат воспоставени двете линии од Охрид до Германија и двете нови дестинации од Скопје до Ларнака и Турку. Најавуваат дека во јули ќе биде донесен и уште еден петти авион.
– Допопонителниот петти авион ќе ни овозможи да растеме во однос на зачестеноста на нашите услуги од Скопје, така што ќе зачестат летовите кон Гетеборг од четири на пет лета, до Хамбург од два на три лета, кон Келн од три на четири, и кон Малта од два на три летови неделно. Кон Базел ќе се лета три пати на ден, изјави Џорџ Михалопулос од „Визер“ по потпишувањето на договорот.
Согласно договорот, авиокомпанијата е должна да отвори вкупно шест нови линии и тоа две од Скопје и четири од Охрид. Првите две линии од Охрид, „Визер“ треба да ги отвори до 26 март годинава, а останатите две во рок од една година од склучувањето на договорот. Двете нови линии од Скопје треба да бидат отворени исто така до 26 март годинава.
Финансиската поддршка што ја обезбедува Владата е 312 милиони денари или околу пет милиони евра за период до 2022 година. За 2019 година предвидени се 86 милиони денари, за 2020 и 2021 година предвидени се 104 милиони денари, додека за 2022 година – 17 милиони денари.
– Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски ќе додели еднократна финансиска поддршка во износ од 40 илјади евра за секоја нова отворена дестинација воведена од меѓународниот аеродром „Скопје“ и меѓународниот аеродром „Св. Апостол Павле“ во Охрид. За секоја нова дестинација воведена од Скопје ќе се додели финансиска поддршка од девет евра по патник во заминување во првата година од договорот, осум евра по патник во втората година, седум евра во третата. За секоја нова дестинација воведена од Охрид ќе се додели финансиска поддршка во износ од 13 евра по патник во заминување во првата година од договорот, 12 евра во втората, 11 евра во третата година од договорот, појасни министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Денешниот договор за субвенции за авиолинии е трети по ред договор што го потпишуваат македонската Влада и „Визер“.