Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев, во Основниот суд Скопје 2 денеска одговараше на прашања на Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е тужен од Вице за навреда и клевета изречени во дебатна телевизиска емисија, пренесе СДК.мк.
Николовски на тужителот Заев му читаше извадоци од написи во неколку портали за да докаже дека е сопственик на многу компании, меѓу кои и на таа за производство на медицинска марихуана „Еленица“, а купил и нелегално плацеви за градба на повеќекатници во Центарот на Струмица.
„Парцелата не е со квадратура што ја пишува порталот, купена е транспарентно и на законит начин, на ’Еленица‘ никогаш не сум бил сопственик, освен порано што сум бил член на нејзиниот надзорен или управен одбор, а во производството на канабис за медицински потреби немам допирни точки. Членови на моето пошироко семејство, мои први братучеди, да. Јас не. Јас сум сопственик на фирмите ’Тотал инженеринг‘ и ’Тотал електрик‘. Сте можеле сè ова да го проверите, а за парцелата за градба, ако ви било нешто сомнително, сте можеле да пријавите во обвинителството. Немате право да ме клеветите и навредувате“, му кажа Заев на тужениот Николовски.