Бизнисменот Вице Заев, брат на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, ги негира обвинувањата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски дека Заеви направиле криминална коалиција со поранешниот вмровски функционер и шеф на тајната полиција Сашо Мијалков.
– Во недостиг на демократски капацитет и личен морален кредибилитет, а со цел да се релативизира фактот на антагонизмот кон ЕУ и НАТО, раководството на ДПМНЕ перманентно изминатиот период ја труе македонската јавност со прозивки на моето име во разни негативни конотации врзани за незаконски дејанија. Ваквиот случај е последниот со изнесените невистини од страна на потретседателот на оваа партија, Александар Николовски. Барам кажаното да го докаже на начин што сите евентуални докази ќе ги поднесе до јавното обвинителство, а доколку не го стори тоа во рок од три дена, ќе сметаме дека докази нема и дека сето тоа е измислица, па според тоа ќе поднесам тужба за нарушување на честа и угледот, бидејќи ми се нанесува политичка, но и материјална штета – вели Заев за телевизијата 1ТВ.
Тој додава дека не може се прават спроедби меѓу него и Мијалков, бидејќи, како што посочува, ниту е избран и именуван функционер, ниту неговите фирми учествувале на јавни тендери во изминативе години.