Зошто е значајна приказната за атлетичарот Иван Фернандез и неговиот кениски колега Абел Мутаи? Затоа што Иван Фернандез стана славен заради витештвото, чесноста и заедништвото. Спротивно на примерот од нашиот премиер Мицкоски чијшто „илинденски“ говор личеше на бедна партиска пропаганда. Говор во којшто немаше ниту витештво, ниту чесност, ниту нешто што би звучело како порака за заедништво.
Ацо ЛУКАРОСКИ
Ја знаете ли „приказната“ за кенискиот атлетичар Абел Мутаи којшто на една трка во 2013 година бил во водство, но го збунила сигнализацијата и на само неколку метри пред целта застанал мислејќи дека ја завршил трката. На шпанскиот атлетичар Иван Фернандез, којшто бил зад него, му станало јасно што се случува и буквално го турнал Абел Мутаи за да биде прв. На прашањето од новинарите зошто го направил тоа, наместо лесно да победи, Фернандез одговорил: „А што би било славно и чесно во една таква моја победа? Дали мојата мајка би се гордеела со мене?”
Прочитав еден добар коментар за овој случај: „Да не ги учиме нашите деца на погрешни начини и средства за победа. Наместо тоа, да ги пренесеме убавината и хуманоста на подадената рака. Затоа што чесноста и етиката се тие коишто победуваат”.
Зошто ја раскажав оваа спортска приказна? Затоа што витештвото, чесноста и заедништвото се тие коишто носат придобивки. Затоа што ова е тоа што го направи Иван Фернандез славен. Спротивно на примерот од нашиот премиер Мицкоски чијшто неодамнешен „илинденски“ говор личеше на бедна партиска пропаганда. Говор во којшто немаше ниту витештво, ниту чесност, ниту нешто што би звучело како порака за заедништво.
Не знам дали се сеќавате на говорот од Заев на прославата организирана во чест на приемот на Северна Македонија во НАТО. Заев во ниту еден момент не го спомна името на својата партија СДСМ како заслужен субјект за зачленувањето. Напротив, кажа дека за тој успех заслужни се сите. Вклучително и опозицијата.
Првите знаци на правење вештачка поделба меѓу патриоти и предавници во Македонија започна со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 1998 година, но како главна политичка стратегија се воспостави кога Груевски стана премиер во 2006 година. Во моментов се случува реинкарнација.
Таква политичка доктрина и поделба на патриоти и предавници е типична за тоталитарни режими. Во Канада живеам повеќе од 20 години. До таа „кобна“ 2006 година кога Груевски стана премиер, никој за никого не ја знаеше политичката определба. Политиката во Македонија никогаш не беше тема за дискусии меѓу македонските иселеници. За празниците во летните месеци секогаш се организираа народни собири, а од 2006 година таа убава пракса веќе ја нема. Наместо народни собири, сега на секој државен празник има партиски собири на коишто редовно како гости се канат политичари и музичари коишто се блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Токсичната политичка средина редовно ги поткопува демократските институции и норми, а партиите на власт прибегнуваат кон неетички и недемократски тактики за да добијат моќ. Ова ја намалува довербата на јавноста во демократијата. Истовремено, постојаните напади и обвинувања за опозицијата најчесто предизвикуваат општа апатија и доведува до исклучување на критичката јавност од политичкиот процес. Со тоа се остварува уште една од стратешките цели на ВМРО-ДПМНЕ.