Витанов до Пенков: Извини се или докажи колку сум потрошил во кафеани, оти ќе добиеш тужба!

by Fokus
Диме Витанов, претседател на Советот на Општина Неготино реагира по повод обвинувањата од страна на ВД Координаторот на ВМРО ДПМНЕ ОК Неготино, Златко Пенков, дека ги зголемил репрезентациите.

Имено, веќе еден месец во градот се актуелни приказните дека Витанов потрошил околу 1.000 евра државни пари низ локалните ресторани. Тој смета дека се работи за клевета, и најави тужба против Пенков, доколку не му се извини јавно.

-Сакам да им се обратам на моите почитувани сограѓани и на пошироката јавност, околу деновиве актуелната тема за муабет, која е наметната од страна на луѓето на ВМРО ДПМНЕ. Се работи за репрезентациите мои, како претседател на Советот на Општина Неготино. Сакам да ве информирам дека искажаните зборови од страна на ВД Координаторот на ВМРО ДПМНЕ ОК Неготино, г-дин Златко Пенков, цитирам „единствено што успеаа да направат е да ги зголемат репрезентациите за претседателот на Советот на Општина Неготино“ се тотално невистинити и лажни. Немајќи со што да ја нападнат работата во Советот на Општина Неготино, каде што советничката група на ВМРО ДПМНЕ со ништо не придонесува за подобрување на животот на граѓаните, се обидуваат со лажни изјави да ме дискредитираат мене – истакна Витанов. 

Тој го повикува Пенков веднаш преку истите средства за информирање, да се извини за изнесените невистини, во спротивно искажаните зборови ќе мора да ја докаже пред надлежните институции.

Воедно ве информирам дека после празникот Св Трифун ќе оддржиме прес-конференција на која подетално ќе ве информираме за досегашната состојба во Општина Неготино. Ние сме секогаш на страна на вистината – информира Витанов.

За ,,Фокус’’ тој раскажува дека доколку во најкраток рок не го добие јавното извинување од Пенков, или пак негово евентуално излегување со факти и докази по повод обвинувањата за трошење на високи суми во локалите, ќе поднесе тужба. -Помина времето кога државни функционери трошеа цело богатсво во кафеани и се гоштеваа со коњски стекови на сметка на народот. Токму затоа, овие обвинувања за мое наводно расипничко трошење, доколку не добијам извинување, ќе имаат судска разрешница – потенцира Витанов.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости