Вистинскиот монструм

by Fokus
  Зошто е важен овој настан и неговото целосно расчистување. Прво, зашто монструмот е на слобода и може да го повтори делото, второ зашто случајот го злоупотребија низа политичари за свои лични кариери, без грам одговорност кон државата и семејствата на убиените. Тука нема простор за лигавење и објаснување на мојата емпатија кон тие семејства. Тоа ќе биде толку гнасно и ќе смрди неподносливо.  Да заклучам, потребен ни е вистинскиот монструм, а тоа е нарачателот на смилковскиот масакр врз невини деца и невин човек. Тоа го очекуваме од ОЈО, од МВР, од Судот… од сите надлежни.

Пишува Петар БОГОЈЕСКИ, политички и граѓански активист

Сите знаеме сѐ за масакрот на Смилковско Езеро, случајот Монструм… басни, приказни, теории на заговори… доволно е! Сите знаеме сѐ, само никој од нас не сака да дознае кој е вистинскиот монструм, а тоа е нарачателот на масакрот врз децата. Интересно, само што се обидов да го поставам тоа прашање, врз мене се истури цела пропаганда да ме замолчи, закани, телевизиски емисии на кои се злоупотребуваат семејствата на убиените, за малку да ме обвинат дека јас сум убиецот. Тотално лудило, кое зборува дека некој упорно во оваа држава се обидува да го скрие вистинскиот монструм. Зошто?

Имаме пет убиени – жртви. Имавме убијци – извршители, па поради мешање политика во судството, сега имаме обвинети извршители, а тоа се пак истите тие што предходно беа осудени, па ослободени. Никој не бара одговорност во оваа држава за тоа ослободување, за лажните објави дека има снимени разговори – бомби кои ќе ја докажат вистината. Немаме мотив за убиствата. Го немаме најважното, нарачателот – вистинскиот монструм. Имаме теории, од кои две се доминантни, сублимат од сите други.

Првата дека мотивот е идеолошки, радикален исламизам и втората дека мотивот е финансиски, платено убиство за интереси на урбаната мафија. Која и да е од двете теории поблиску до вистината, на крајот стои еден човек, еден мозок, еден монструм, еден нарачател, кој во секој момент може да го повтори делото. Ако е радикален ислам, не фундаментален, тоа е друга работа, тогаш постои терористичка организација која дејствувала и извршила терористички акт во земјава. Таа организација никој не ја истражува, што значи сѐ уште е активна. Неа ја управува еден човек, кој е монструмот што го бараме. Ако е криминален акт мотивиран од финансиски побуди, тоа е организирана урбана мафија, која на крајот, сепак, ја раководи еден човек, кој е вистинскиот убиец, монструмот што го бараме.

МОНСТРУМОТ Е НА СЛОБОДА

Наместо ова да биде тема на анализи и истражувања, во еден момент скокнаа како зајаци еден куп душегрижници дека проблемот е Петар и тоа што се дрзна да праша кој е вистинскиот монструм и зошто упорно се покрива истрагата кон него. Значи за нашиве јаки аналитичари по ФБ и надалеку познати сезнајковци, не е важно тоа што Петар побара да се најде нарачателот – монструмот, туку обратно, не смее да се најде. Тогаш кој е тука контроверзен, јас што ја барам вистината и правдата или овие душегрижниците, глодачите на мртви коски?

Зошто е важен овој настан и неговото целосно расчистување. Прво, зашто монструмот е на слобода и може да го повтори делото, второ зашто случајот го злоупотребија низа политичари за свои лични кариери, без грам одговорност кон државата и семејствата на убиените. Тука нема простор за лигавење и објаснување на мојата емпатија кон тие семејства. Тоа ќе биде толку гнасно и ќе смрди неподносливо. Никогаш и немав таква намера и затоа и тоа не го напишав во популарните постови на ФБ, кои ја брануваа јавноста, ги покренаа механизмите за дефокусирање на истрагата од вистинскиот монструм, а јас добив стотици закани. Само не сум плачко од власта и не се жалам во МВР што сѐ добивам како закани и уцени. И нема тоа да го направам.

Најважното, монструмот е на слобода. Ако е исламски терорист, тој ќе направи повторно терористички напад. Ќе најде други извршители и ќе направи поголема беља. Ако е градежен мафијаш, тој и во следна проблематична локација може да го „исчисти“ сопственикот, пречката за градба. Сѐ додека не се најде монструмот, ние не можеме да бидеме спокојни. Сѐ додека во овој случај, а и во сите други, се меша политиката, ние не можеме да бидеме правна држава. Ако не сме правна држава и немаме спокој, тогаш за што зборуваме? Каде живееме? Во каква држава живееме? Тоа значи дека никој од нас не е безбеден. Ако е така, тогаш државата не ја остварила својата основна задача и причина за постоење, а тоа е да обезбеди безбедност за нејзините спонзори и создавачи, а тоа сме граѓаните.

Лесно е да се прават спинови, лесно е да злоставуваат солзите на роднините на убиените, лесно е да се дефокусира јавноста, но тешко е да се собере храброст и да се побара вистината. Секако не мислам на оние протести на кои се „славеше убиството“. Можеби дел од луѓето на тие протести немаа таква намера, но самата содржина, начин на организирање и пораки од протестот, за мене беше и остана протест против убиени деца. За жал, зад тој протест стојат повторно политички партии, што е скандал само по себе. Партии користат убиени деца за да создаваат незадоволство и да билдаат рејтинг, демек наводно ги штитат „невините убијци“, кои требало да се ослободат. За тоа треба судот да каже, а не партиите и религиозните заедници.

Да заклучам, потребен ни е вистинскиот монструм, а тоа е нарачателот на смилковскиот масакр врз невини деца и невин човек. Тоа го очекуваме од ОЈО, од МВР, од Судот… од сите надлежни.

 

 

 

 

Поврзани новости