Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ОК Карпош, Тони Јаревски, деновиве во јавноста ја пласираше информацијата дека „Во новата наставна програма химната е отстранета и наместо неа, Власта смета дека поважно за ќерка ми е да ја научи и пее Dzelem, Dzelem и албанската Shtatori“, која „Вистиномер.мк“ ја оцени како невистина.
Ова тврдење на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ОК Карпош, Тони Јаревски, објавено на неговата Фејсбук страница за наводното отстранување на химната од наставните програми, експресно без никаква дополнителна проверка на наводите го пренесоа повеќе медиуми, а се ширеше и на социјалните мрежи и предизвика остри реакции во јавноста.
По објавата на Јаревски реагираа од Бирото за развој на образованието од каде негираат дека изучувањето и пеењето на македонската химна се изоставени од образовните програми.
Во соопштението на Бирото, меѓу другото, се вели:
-Што се однесува до изнесените дезинформации дека изучувањето и пеењето на химната се изоставени од новите наставни програми, за разлика од претходните наставни програми, најодговорно тврдиме дека тоа се невистини и упатуваме, секој што е заинтересиран, да ги погледне и спореди претходните и новите наставни програми.
Оттаму појаснуваат дека „со химната на Република Северна Македонија учениците се запознаваат уште во прво одделение по наставните предмети Општество и Музичко образование, како и во петто одделение каде јасно стои во наставната програма по Општество дека учениците преку интегрирани активности по Музичко образовани и по Ликовно образование ги изработуваат симболите и ја учат химната на Република Македонија. (наставна програма од 22.05.2008 година)“