Харизматичната Добрила Ивановска Чабриќ (93), која во својата десетта деценија стекна огромна популарност во регионот по учеството во музичкото шоу ,,Никогаш не е доцна” се чувствува одлично по сообраќајната незгода која ја доживеа на почетокот на минатиот месец. Имено, на пат кон Охрид, одејќи на фестивал, таа излетала од коловозот со своето возило кое самата го управувала, по што со тешки телесни повреди била пренесена во Специjaлната болница „Св.Еразмо“ во Охрид.
Во телефонски разговор за ,,Фокус” жената која фасцинира со својата енергија и бистра мисла, вели дека моментално престојува кај блиски роднини во Скопје, откако по сообраќајката заврши со пукната коска под колено и повреден вратен пршлен.
-Целата работа не беше баш така наивна, како што изгледаше, но и како што беше опишана во одредени медиуми. Во тој период, ден по сообраќајката, се објави вест дека сум излетала од патот бидејќи додека сум возела сум му зборувала на моето куче. Која невистина беше тоа! Јас сум возач целиот мој живот и никогаш не сум си дозволила ниту најмало невнимание за време на возењето. Мојата внука сакаше да демантира, но оставивме кој што сака да си пишува и мисли. Сепак, би сакала да и раскажам на јавноста дека токму моите брзи рефлекси ми го спасија животот, во сообраќајката која можеше да биде фатална – вели Добрила, своевремено членка на драмскиот ансамбл, уште од далечната 1945 година, дел од МНТ од првото актерско јадро, а потоа и дел од театарот на Теразије во Белград.
Раскажува дека кога се случила сообраќајката, таа била на пат кон Охрид, каде се снимаше Охрид Фест. Додека возела по тесниот коловоз, од спротивната страна наишол камион, кој претекнувал трактор. Во тие неколку секунди, кои биле одлучувачки за неа и нејзиниот живот, таа реагирала бргу.
-За да го избегнам камионот кој доаѓаше кон мене, свртев кон ендекот. Тоа беше единствената шанса за мене во тој миг, за да останам жива. Секунда беше во прашање! Камионот побегна, кон мојот автомобил притрчаа луѓето кои беа во тракторот, дојде противпожарно возило, амбулантна кола, дојдоа и мои блиски луѓе. Бев пренесена во болница во Охрид, ми беа санирани повредите, и таму останав само еден ден. Не можев повеќе, на мое инсистирање бев пуштена на домашно лекување. Во Скопје сум, кај мои блиски, добро се чувствувам, полека со помошно помагало почнувам да се движам, не ме остава позитивната енергија и желбата за живот. Само сакав јавноста да знае што навистина се случи, дека јас за да си го спасам сопствениот живот излетав од патот, а не дека сум несовесен возач – раскажува Чабриќ. Појаснува дека наредната недела веќе има закажано снимање, ќе биде гостинка во една епизода од серијалот ,,Преспав”, а потоа планира да замине и во Белград, каде ја очекуваат низа на професионални активности.
Добрила, која е родена во Гевгелија, во тек на својот живот го пропатувала целиот свет. Гостувала на многу концерти, пеела сама или пак како членка на дуото Нанос. Голем дел од животот поминала на сцената, а во Дојран се скрасила во 1980 година. За позитивната мисла, енергијата и желбата да ужива во животот во секоја секунда, но и за виталноста, открива дека секогаш внимавала на здравата исхрана.
-Многумина ме прашуваат на што се должи мојата енергичност. Јас сум на инсулин веќе дваесет години, па се подразбира дека морам да внимавам на исхраната, но и пред тоа се хранев здраво. Вегетаријанка сум, нема на моето мени месо, колбаси, кременадли… Овошје и зеленчук во изобилство, домашно приготвена лесна храна. Никогаш не сум пиела алкохол, а кога е пушењето во прашање, ми се случувало да запалам цигара на сцена, доколку таква ми била театарската улога, или пак многу ретко, во друштво. Го сакам животот, и среќна сум доколку ги инспирирам луѓето околу мене – изјави Чабриќ која моментално работи на својата автобиографска книга.
Вики Клинчарова