Високи парични казни и привремено одземање на возачка дозвола во Грција за прекршоци кои кај нас минуваат неказнето

by Fokus

Голем број на македонски граѓани периодов се на летување во соседна Грција и актуелни се повеќе групи на социјалните мрежи каде нашинците и Србите споделуваат искуства и совети од тамошното летување.

Деновиве вниманието на јавноста го привлекоа неколку објави во кои туристи раскажуваат дека платиле казна од 700 евра бидејќи поминале на црвено светло на семафор во Грција, но исто така останале и без возачката дозвола, која им била одземена во траење од 20 дена.

Околу тоа кои се казните за сообраќајни прекршоци во Грција, и кои правила кои кај нас се занемаруваат и најчесто минуваат неказнето, таму мора да се почитуваат, впечатливо е правилото дека не смее да се управува моторно возило во влечки. Казната за овој прекршок изнесува 50 евра.

Прекршоците за паркирање се казнуваат од 40 до 80 евра, а пак паркирање на место означено за лица со инвалидитет се казнува со 150 евра. Користењето на мобилен за време на возење се казнува со сто евра и одземање на возачката дозвола во рок од 30 дена за моторни возила, а пак истиот прекршок за мотоциклистите изнесува 150 евра.

Возењето на мотоцикл или мопед исто така мора да биде со задолжително носење на заштитен шлем за возачот и совозачот, бидејќи казната е 350 евра, како и одземање на возачката дозвола во траење од 20 дена. За деца до три години мора да се користат детски седишта кои одговараат на нивната висина, децата до 12 години исто така мора да седат на задните седишта. Безбедносниот појас е задолжителен за сите патници во возилото, а казната за овие прекршоци изнесува 350 евра. Минување на црвено светло се казнува со 700 евра, минување на полна линија – 250 евра, кршење на забрана за претекнување – 350 евра, возење со поголема брзина од дозволената од сто до 350 евра, а за повеќето од овие прекршоци следи и привремено одземање на возачката дозвола.

Кога е алкохолот во прашање, казната е 200 евра ако нивото на алкохол во крвта на возачот е од 0,5 до 0,8 промили, од 0,8 до 1,1 промили казната е 700 евра и одземање на возачка дозвола во рок од три месеци, а пак над 1,1 промили казната е 1.200 евра и одземање на возачката дозвола во рок од 6 месеци и можна затворска казна до два месеци. Ако по втор пат во рок од две години се повтори конзумирање на алкохол над 1,1 промили, паричната казна е 2.000 евра, како и одземање на возачката дозвола во рок од пет години и можна затворска казна до шест месеци.

Вики Клинчарова

Поврзани новости