Висока мода на вчерашниот Конгрес: Колку чини сакото на Мицкоски потпишано од Лагерфилд?

by fokus

Класично тегет сако со едноставен крој, со ревер јака и паспулирани џебови со капаци, од модниот бренд Карл Лагерфилд, облече на вчерашниот партиски Конгрес старо-новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Логото на познатиот бренд, односно името и ликот на дизајнерот, може да се види во внатрешниот дел на сакото на Мицкоски, на фотографии од фотографот Томислав Георгиев од “Фокус”.

За љубителите на високата мода, моделите на Карл Лагерфилд се посакувано парче гардероба во плакарот.

Дизајнерот и креативен директор на ,,Шанел” кој беше познат во светот како крал на модата, повеќе од три децении претседаваше со ,,Шанел” и создаваше по осум колекции годишно, а истите секогаш беа прифаќани со воодушевување.

Црното сако, ракавици без прсти, темните наочари и косата врзана во опавче беа негов знак за распознавање, а моделите на машки и женски сакоа кои ги дизајнираше се класика која не излегува од мода.

Иако од политичарите се очекува да имаат добро изграден моден стил и секогаш да бидат средени според протоколите, сепак кога ќе облечат модел од познат бренд, не поминуваат незабележано. Поради тоа, очекувани се јавните реакции и прашања колку пари трошат за гардероба народните избраници, со оглед на тоа што нивната скромност секогаш се смета за карактеристика која им носи позитивни поени.

Оние, кои често ги гледаме на настани ,,скоцкани” во модели кои изнесуваат колку неколку просечни македонски плати, неретко поради тоа биле и јавно критикувани. Освен гардеробата, редовно под лупа се става и возниот парк на политичарите, нивните недвижнини, летувања, зимувања, па дури и модниот стил на нивните сопружници.

Дали Мицкоски е љубител на високата мода и дали навистина е потребно мало богатство за да се купи дизјанерско парче со потпис од кралот на модата-Лагерфилд, тој одби да одговори, а неговиот краток коментар за ,,Фокус” беше дека такви прашања не заслужуваат одговор.

Сепак, колку точно изнесува едно сако од Лагерфилд, кој остана еден од најпознатите модни дизајнери во светот, може да се види на официјалната страница на брендот, од каде може да се порачаат сите модели дизајнирани од модниот крал.
Машките одела и сакоа, и покрај тоа што се потпишани од славниот дизајнер, според цените, не може да се каже дека се нешто кое е резервирано само за оние со најдлабок џеб.

Со почетни цени од 197 евра, па се до околу 450 е најскапото сако од брендот, додека машките капути се движат од 222 евра, па се до 595 евра за најскапиот, кромби капут.

И покрај тоа што Лагерфилд и по смртта останува модна легенда, моделите од високата мода со неговиот потпис, според цените се нешто кое многумина можат да си го дозволат.

Политичарите секогаш да бидат средени, но да не се расфрлаат со илјадници евра за гардероба како да се холивудски ѕвезди, туку да покажат скромност и солидарност со народот во земја во која владее сиромаштија, е честа порака од јавноста, кога е модниот стил на јавните функционери во прашање.

Многу од нив, кои ја сфатиле таа порака, неретко промовираат македонски модни брендови и ангажираат наши модни дизајнери кога треба да се појават на значајни настани.

Вики Клинчарова

Поврзани новости